"Те молам, внимавај на мама" - Кјонг-Сук Шин

Додека бев дете, па и девојка, многу често од баба ми, а подоцна и од мајка ми ги слушав овие зборови: „Ќе сфатиш кога ќе си мајка!“ Знаев да се подзамислам на таквите нивни зборови, но никогаш вистински да размислам зошто ми го кажуваат тоа. Сѐ до оној момент додека таквиот епитет МАЈКА не го добив и самата, не сфатив што навистина значи и колку голем благослов е истиот.

Но, книгава која што ја завршив пред некој ден, а сѐ уште ме држи под силни импресии, ќе ви ја даде најголемата лекција на оваа тема, дури и ако не сте се реализирале себеси како мајка.

„Те молам, внимавај на мама“ не е само роман за мајката. Тоа е задолжително четиво за сите мајки, ќерки, татковци, синови, па и сопрузи. Тоа е книга која ве погодува директно во најчувствителните делови на душата и ви ги вознемирува сите клетки, поттикнувајќи ве на размислување и на себеиспитување - дали навистина ги познаваме нашите мајки? Дали им го посветуваме вниманието кое го бараат или никогаш не го бараат од нас? Дали им го подаруваме времето кое го заслужуваат, пред да биде доцна и пред да сфатиме дека е доцна?

Кога мајката, стожерот на едно семејство, која целиот свој живот го посветила на своите пет деца и сопругот, исчезнува, сите сфаќаат која била всушност таа. Сите сфаќаат дека жената не била само мајка, туку и жена со свои потреби и желби, кои повеќе или помалку ги потиснувала низ годините, ставајќи ги на последно место, затоа што примарни и биле желбите и потребите на нејзините деца. Борбата со сиромаштијата и стравот да не останат гладни нејзините малолетни дечиња, ја прави жената, мајка - лавица. За неа нема застој, нема тешкотии, сѐ додека ги гледа нивните насмеани лица седнати околу полната трпеза. Нејзините болки и стравови се закопани некаде длабоко, за никој да не може да ги препознае, а и кога се забележуваат таа ги негира како небитни, затоа што таа може стоeчки да ги издржи и да продолжи понатаму.

Нејзиното исчезнување претставува голем шамар за целото семејство. Тогаш почнува сите да ги јаде сомнежот, но и совеста за тоа како постапувале со неа додека била тука. Ја запознаваме мајката од аспект на сите нејзини деца, нејзината пожртвуваност, но и мудрост како родител, која е подготвена да издржи секаков товар, да истрпи секакви удари за доброто на својот пород. Ја запознаваме и ѝ се восхитуваме, ја оплакуваме нејзината тажна судбина, сочувствуваме со неа и се молиме таа да се врати, да биде најдена и вратена дома.

Ја запознаваме и сопругата на својот проблематичен сопруг, кој никогаш дотогаш не сфатил колку е таа голема и колку голем среќник бил тој самиот што можел да се нарече нејзин сопруг. Колку вниманието значи за жената, колку малку е потребно за среќа во бракот? Колку умееме да ги видиме малите работи и во нив да најдеме среќа, дури и кога е таа минорна?
Како жена чувствувате силен гнев и лутина кога ги читате овие редови, а од друга страна ја величате во своите мисли заради нејзината постојаност. Но, дали е сѐ така како што изгледа?

Болеста ѝ ја разјадува душата како ѕвер, а таа полека но сигурно си го зема својот данок. Кога почнува да губи контакт со реалноста, а најсвежи и се сеќавањата на најраното детство, таа знае дека тргнала во непознат правец и дека враќање назад нема. Нејзиното минато колку што ја боли, толку и ја радува, затоа што знае дека таму, зад себе, ги остава своите деца со кои силно, искрено и вистински се гордее.

„Те молам, внимавај на мама“ не е само книга.

Тоа е молитва за сите мајки, жени и ќерки кои постојат на овој свет и кои во текот на својот живот наоѓаат начини за надминување на сите препреки што им се испречуваат на патот, а притоа не забораваат дека љубовта е единствената сила која е најмоќна од сите сили на светот. И, токму така-после оваа книга, нема повеќе да гледате исто на некои работи и нема да ги земате важните луѓе во животот - здраво за готово.
Книгата можете да си ја порачате тука

Автор на рецензија: Билјана Мартиновска