Автор на рецензијата: Ана Томова
]]>
Што ми се допадна?
😭 Преемотивна
🙋🏻 Ликот на Леџер
🙋🏻♀️Ликот на Кена - мајка 😔
🕊️ Корицата и насловот - ќе знаете на што мислам кога ќе го прочитате крајот на книгата
🪨 Тешка,но и реална животна приказна
✍🏻 Прекрасно напишана
💘 Страст, емоции, вознемиреност
🤷🏻♀️ Комплицирана ситуација
Што не ми се допадна?
😴 Ми требаше повеќе време да навлезам во приказната и го немаше тој WOW ефект до самиот крај.
Главен впечаток:
Кога ја прочитав не бев нешто многу воодушевена, но сега додека го пишувам ова и се навраќам на книгата, можеби малце и мислењето ми се промени. Последните 100 тина страни се навистина преемотивни и Колин знае толку добро да ги пишува ликовите што без проблем можеш да се внесеш во нивната приказна и да го почувствуваш нивното страдање. Мислам дека книгава ќе предизвика солзи кај секоја мајка кога ќе ја прочита приказната на Кена. Корицата и насловот ме привлекоа од прва кога ја видов книгата,но кога го прочитав крајот и ја сфатив причината за истите, навистина се разнежнив. Дефинитивно сум КОХО фан, и ја препорачувам оваа книга на сите што се љубители на ваков жанр. Жанров би го нарекла книгите на Колин (секој што ја читал знае на што мислам 😅).
Пишува: Драга Ставреска
]]>Дали можеби сѐ уште се прашувате зошто Токму ВИЕ немате среќа во љубовта или зошто ТОКМУ ВИЕ сте благословени да ја имате?
Одговорот на тоа каде е, зошто и кога, како и на сите Ваши прашања и животни интимни дилеми ќе ги пронајдете во романот „Души близнаци 11:11“
Затоа ова дело е за секој од нас, за секој/а од вас и по читањето на истото никој/а повеќе нема да биде ист/а. Ќе се разјаснат повеќе емотивни женски и машки дилеми и духовни превирања и ќе стане појасна мисијата на жената во човечкиот живот.
Романот одговара на многу прашања што ја мачат денешната жена, но и современиот маж и тоа прашања од типот - Зошто има невозвратена љубов, Зошто толку наверства и разводи, Зошто се уште сум сам/а, Зошто сум токму со него/неа, Зошто тој/таа, Каде е мојата душа близнак, Ја препознав ли, Дојде ли прерано или предоцна, Љубам ли вистински, Ме љуби ли вистински, Дали е тој/таа вистинскиот/та и т.н „Души близнаци 11:11" е дело што носи длабока и силна порака, а таа е - Душата никогаш нема да се смири сè додека не ја најде својата втора половина.
Романот "12Д "
Што се случува со нашите паралелни животи на другите планети во универзумот? Како тоа влијае на овој наш сегашен Земен живот?Кој и какви сме ние таму? Што се случува на Плејадите, Сириус, Андромеда и Венера? Кој ја надгледува оваа планета? Што значи „каснувањето на забранетото овошје“ на Адам и Ева?
Како е создаден универзумот?Зошто имаме развиено само 2 спирали од нашата ДНК, а останатите 10 мируваат?Каде одиме како човештво?
144 000 близнаци моментално се инкарнирани на Земјата со цел да се подигне целокупната свесност на 4Д.Тоа се светлосните работници, наречени ѕвездени семиња и нивниот број од година во година се зголемува. Секој од нас направил договор уште пред да се роди на Земјата, каков живот ќе живее и со кого. Каде сме биле пред тоа? Каде ќе одиме потоа?
Што крие нашата душа од нас?Како интуицијата и третото око ги препознава знаците пратени од универзумот?Како можеме да ги откриеме нашите паралелни животи и како можеме да дознаеме за нашите претходни?
Ако ние сега го врвиме Армагедонот, процес што трае од 2012-2026, не е далеку ниту второто Христово доаѓање, но не во облик на човек туку во енергетска вибрација која води до БЕЗУСЛОВНА Љубов.
Преку безусловната љубов на близначката љубов на Аурора и Аполон и нивните истовремени животи на различни планети низ универзумот, со различно ниво на свесност, ќе доживеете едно егзотично патување низ ѕвездите, за повторно да се вратите на Земјата, разбудени и свесни, освежени и исполнети со љубов, мир и спокој.
Новиот бестселер „12Д“ е продолжение на романот „Души близнаци 11:11“.
Тој е ОТКРОВЕНИЕ во светската литература, роман за кој што се зборува нашироко, затоа што нуди многу одговори за љубовта, животот и судбината, преку совршена симфонија на маестрално испреплетени факти од древните учења, мистицизмот, религијата, езотеријата, метафизиката, физиката, астрологијата и науката воопшто.
Новите ставови на авторката, се универзумски информации што даваат одговор за нашите сопствени духовни и емотивни превирања, со што навлегуваме подлабоко во нашата душа, за да се откријат нејзините најскриени делови, скриени дури и од самите нас.Затоа што, душата знае сè! Затоа што во неа се запишани сите наши претходни животи.
Дали сме подготвени да се сетиме КОИ СМЕ? Како ќе се сетиме? Каде се кријат одговорите? Ова ли е мојот живот? Има ли уште нешто? Ја слушам ли душата? Што знае таа, а јас не знам?Зошто ми се случува ова што ми се случува? Зошто токму мене? Зошто сега? Зошто токму тој човек?Дали сум со вистинската личност? Љубам ли? Ме љуби ли?Дали живеам свесно? Каков план направиле нашите души уште пред да се родат на оваа планета?
Унијата на близнаците е алхемиски брак (заедница) од највисок ред.Таа љубов близначките дублизначките души ја живеат вечно, не само на Земјата, туку паралелно и на многу други планети во Универзумот. Близнаците се предодредени да учествуваат во овој позитивен прогрес на човештвото и затоа им е дадено да се сретнат. Душа од твојата душа, олицетворение на себе си во друга личност, енергетска, интелектуална, ментална и духовна копија на еден универзален оригинал.
Привилегија е да знаеш дека систематски се преобразуваш благодарение на постоењето на твојот близнак. И никој не треба да ти каже, впрочем и никој не знае кој е твој близнак. Исклучиво душата е таа која што суптилно ти шепоти.Сигурен си и кога се соочуваш со препреки и потешкотии, но не можеш да се одделиш дури и да сакаш. Близнакот е божество кое живее во срцето без разлика колку си далеку и дали имаш можност да комуницираш. Зрелоста на душите овозможува да читаш телепатски, меѓу редови и во тишина.
Сето тоа е дел од ГОЛЕМИОТ ПЛАН што сите го направивме за Вознесението на планетата Земја. Судбината на овој свет е повторно да се врати во рајот. Нашата свесност ќе одигра голема улога во тоа.
Еден момент може да отвори бесконечен број на можности. Можеби, за многумина, тој момент се токму овие романи.
]]>Кога првпат ја видов оваа книга, ни најмалку не очекував дека ќе влезам во дистописки роман што во мене ќе предизвика чувство на тага и кршење на срцето. Всушност, тоа што не знаев што ме очекува го направи читањето толку пријатно и покрај срцепарателниот крај.
А очекував љубовен роман.
Книгата е раскажана од перспективата на Кети, која има 31 година и работи како "негувателка" во време на пишувањето и ни раскажува за минатото. Зборува за пријателите со кои израсна и детството поминато во англиското интернатско училиште "Хејлшам". Главните ликови се прекрасни, секој на свој начин различен - но сите со иста судбина, однапред напишана.
Романот е поделен на три дела: детството во "Хејлшам", адолесцентните години во "Куќарките" и годините кога главните јунаци ги поминуваат како "дарители" или "негуватели" во англиските центри за рехабилитација.
Нема да откривам повеќе, сакам да ја почувствувате емоцијата која ми го помести срцето! Нурнете во светот на Ишигуро и уживајте во неговиот прекрасен стил на пишување.
Оцена: 5/5
Автор на рецензијата: Дијана П. Ристовска
]]>Кетрин и Рејчел се пријателки уште од мали нозе, целосно неразделни се до еден трагичен момент кој ги уништува животите на двете. Тие две едноставно стануваат само празна обвивка од тоа што беа. И се' што расте со годините е болката, тагата и желбата за одмазда. Но, можеби нешто друго уште преживува. Тие живеат на Фолкандските острови - навистина мирно место ама тоа е место каде што живее мрачна тајна. Почнуваат да исчезнуваат деца кои претерано многу наликуваат на децата на Кетрин кои го изгубија својот живот во трагична несреќа. Кога тоа повторно почнува да исчезнуваат деца, сите се прашуваат дали постои некој болен злосторник помеѓу нив, или можеби е ова дело на Кетрин поради нејзината психичка состојба ? Или можеби има сосема нешто друго...
Книга која покажува колку е важна љубовта, колку е силна мајчинската љубов , како и тоа колку може да е моќно вистинското пријателство. Трилер во комбинација со елемент од драма, пријателство и љубов. Јас лично се пронајдов во некои моменти од книгата и уште повеќе изненаден на способноста на еден родител кога во проблем е инволвирано неговото дете. Сите мајки знаат дека мајчинската љубов нема граници и дека само помислата дека малото дете е исчеснато или е во опасност може целосно да промени една личност.
Дефинитивно ви ја препорачувам книгата бидејќи покрај одличниот опис на околината што писателката го дава, мотивите на книгата ги претставува на феноменален начин.
Оцена: 5/5
Автор на рецензијата: Бојан Радичевски
Август Пулман е дете кое ќе ве освои уште на првата страница. Тој е сосема нормално десетгодишно дете - тоа е одговорот кој ќе го добиете ако се прашате како се чувствува во себе. Но, постои една работа која го двои од останатите деца... Тој требало да умре уште вечерта кога се родил, но претставува медицинско чудо кое преживеало и покрај сите прогнози за неуспех.
"Еве што мислам јас: единствената причина поради која не сум обичен е тоа што никој не ме гледа како таков."
Август е роден со мандибулофацијална дизостоза- одредени деформитети на лицето, но неговото мало тело и мозок се сосема нормални. Тој дури е и многу попаметен од децата на негова возраст. Иако има направено 27 операции, неговото лице сеуште претставува причина за потсмев на многу луѓе. Tие се ѕверат во него додека се разминуваат, се оддалечуваат од него за случајно да не го допрат, сметајќи дека има некоја заразна болест.
"Јас мислам дена единствената личност на светот која сфаќа колку сум всушност обичен и нормален, сум самиот јас."
Август е свесен дека е многу поинаков од своите другарчиња. Неговите уши се мали и се наоѓаат многу пониско. Бидејќи нема ушна школка, со текот на годините ќе му се развиваат проблеми со слухот. Очите му се му се наоѓаат скоро на средина на лицето и некако се накосени надолу. Горните очни капаци му се полузатворени, додека пак, долните очни капаци му се свлечени надолу. Нема веѓи, ниту трепки. Носот му е непропорционално голем. Нема јаболчници. Има две длабоки од страните од носот до устата. Кога се родил, немал вилица, затоа докторите му остраниле дел од карлицата и му ја вградиле во вилицата. Иако пред неколку години правел операција за израмнување на вилицата, се уште мора да ја џвака храната во предниот дел од устата.
"Знаев дека ме зјапаа и без да го кревам погледот. Знаев дека луѓето се буцкаа по лактите, гледајќи ме со крајчињата на очите. Мислев дека досега веќе сум навикнат на ваквите зјапања, но очигледно не бев."
Август следната недела тргнува во петто одделение. Со оглед, на тоа што никогаш до сега нема одено во училиште, во моментов е тотално изваден од памет. Причината се многуте операции кои ги има преживеано, како и честите разболувања. Па така, првите девет години Август е школуван дома, од страна на неговата мајка. И покрај се, Август има неколку навистина добри пријатели. Кристофер е неговиот најдобар другар, потоа Захарија и Алекс. Тука е и неговото семејство, од кое добива секојдневна поддршка. Неговата мајка Изабел, неговиот татко Нејт, неговата сестра Виа и кучето Дејзи, се тие кои неуморно го сакаат.
"Овој принцип значи дека треба да бидеме запомнети по работите кои ги правиме. Работите што ги правиме се најважната работа од се. Тие се многу поважни од она што само го зборуваме или од тоа како изгледаме."
Сега, во петто одделение Август мора да заборави на досегашниот живот и да се обиде да се вклопи во обично училиште со нормални деца. Август на почетокот е тажен, се бунтува и одбива да се подготви за животот кој го чека. Но, потоа одлучува дека сака да им докаже на сите деца дека и тој е ист како нив, без разлика на неговото лице.
"Ова беше дете што имаше добиено повеќе инекции, имаше испиено повеќе лекови, имаше истрпено повеќе операции пред да наполни десет години од повеќето луѓе за десет животи и сега беше олку потиштен од едно обично повраќање?"
Ова е книга која ќе успее да ве освои уште на првата страница. Книга која ќе ја прочитате во еден здив. Книга која нема да ја испуштите од вашите раце, се до самиот крај. Многу убава и поучна приказна, која ќе се обиде да ве насмее, но и да ве растажи на моменти. Книга која ќе се обиде да ви ја долови суровата реалност низ призма на едно невино десетгодишното дете.
"Големината, напишал Бичер, 'не лежи во тоа да си силен туку во вистинската употреба на сила...И така, најголем е оној чија сила носи најмногу срца до привлекување на сопственото."
Дали ќе успее да им докаже дека е ист како останатите, особено кога луѓето знаат да бидат толку злобни и сурови останува да откриете самите вие.
"Сите на светот треба да добијат овација барем еднаш во животот затоа што сите ние го победуваме светот."
Автор на рецензија: Изабела Велковска
]]>Книга - водич за самопомош во која Марк Менсон ќе успее да ви ја покаже суровата реалност на еден поинаков и реален начин. Девет поглавја, секое со своја посебна приказна. Во овие поглавја, тој ќе ви покаже како да не ви е гајле за неважните нешта, ќе ви ја посочи погрешноста во чувствување вина, ќе ве увери дека на прашањето "Како?" нема одговор, ќе сфатите дека неуспехот е вистинскиот пат кон напред- ова се дел од многуте поглавја кои чекаат на вас.
Марк Менсон, сака да ја докаже вистинската страна на тезата, дека "позтивното мислење е она клучното што не води кон среќен и исполнет живот".
Тој вели: "Море кој ја "врти" позитивноста. Да бидеме искрени нештата се зафркнати но, немаме избор освен да живееме со нив онакви какви што се."
"Довербата е како чинија од кинески порцелан. Ако ја скршиш еднаш, со посветување нега и внимание можеш да ја залепиш. Но, ако ја скршиш повторно, таа се распарчува на уште повеќе парчиња и потребно е многу повеќе време за да се залепи повторно. И колку повеќе се крши, толку е поголема веројатноста да се стигне до точката кога веќе не е можно да се залепи уште еднаш. Веќе има премногу скршени парчиња и премногу прав."
Тој ја изнесува и брани тезата дека луѓето, се суштества со свои маани и ограничувања.
"Не може да биде секој исклучителен - општеството е сочинето од победници и губитници, а нешто од сето тоа ниту е фер, ниту, пак е по твоја вина."
Секој од нас треба да ги препознае и спознае своите ограничувања, а со тоа и да ги прифати. Откако еднаш ќе ги прифатиме нашите стравови, грешки и несигурности, откако ќе престанеме да бегаме и да ги избегнуваме болните вистини, дури тогаш ќе можеме да тргнеме во потрага по храброста и самоувереноста по која сме трагале долг период.
"Ќе почнеш се повеќе да ги цениш најобичните, најсекојдневни животни искуства: задоволствата што произлегуваат од пријателството, од создавањето нешто, од помаѓањето некому во неволја, од прочитувањето добра книга, од смеењето со некој што ти значи и за којшто се грижиш."
Марк Менсон е познат блогер, неговата прва книга е "Баш ме заболе - како да не ти е гајле за неважните нешта". Одлична книга- водич за самопомош која ќе успее да ви помогне и промени многу работи кај вас.
Автор на рецензија: Изабела Велковска
]]>За сите обожаватели на трилери, нови возбудливи приказни кои целосно ќе ве "изместат" од место и ќе ве остават будни до доцна во ноќта.
Нов трилер од германскиот мајстор Фицек,
Искусниот и успешен психијатар Мат Кругер е на ноќниот лет за Берлин. Тој мора да го надмине својот паничен страв од летање затоа што едвај чека да ја види својата бремена ќерка, која ја нема видено многу долго време.
Немирот овојпат доаѓа од телефонскиот повик преку кој дознава дека еден од патниците е ментално нестабилен пациент кој воедно е негов поранешен пациент.
Лице кое Кругер го има ослободено од насилни убиствени фантазии. А сега треба да го натера истиот тој нестабилен пациент да го урне авионот, затоа што во спротивно – ќе умре единствената личност на светот која тој вистински ја сака.
Книгата "Страв од летање на 7а" може да се купи тука.
Колку далеку можеш да ги закопаш своите тајни? И да ја скриеш тагата? Колку долго може да се извлечеш со лагите? И колку долго можеш да живееш со тоа?
Ова е приказна за тројца најдобри пријатели: онаа што беше убиена, онаа што отиде во затвор и оној што ја бара вистината сите овие години…
Книгата "Срца од цимет" може да се купи тука.
Изолирана планинска куќа. Совршено место за да побегнеш од сѐ и да одмориш малку. Толку изолирано место што никој никогаш нема да те најде.
Ветувањето за луксузен одмор во спа центар во дива природа спојува осум среќни гости на едно место. Но ништо не е онака како што очекувале. Кога опасна бура им оневозможува секаков контакт со надворешниот свет, гостите почнуваат да стравуваат дека ова не е одмор. Туку замка.
Секој од нив има тајна. Секој има нешто што го крие. И сега, кога темнината полека се спушта, сите имаат од што да се плашат… а најмногу еден од друг.
Кога дознаваат за исчезнатата група луѓе, еден детектив и еден експерт за спасување мораат да се соочат со бруталните временски услови на планината за да ги најдат. Но дури ни тие двајца не се свесни колку е драгоцена секоја минута. Затоа што стрелката на часовникот врти, а гостите на Форест Шедоу умираат еден по еден. За нив, преживувањето станува морничава игра како од книга на Агата Кристи.
Книгата "Длабоко во темнината" може да се купи тука.
Температурите надвор се совршени за топло чајче и добра книга.
А зарем има поинтересни и повозбудливи книги од трилерите?
]]>Сите знаеме дека Агата е ненадминлива кума на криминалистичката фантастика, чии пресврти не биле подобри веќе 100 години по неа."Убиство во Ориент Експрес", "Смртта на Нил", "Големата четворка", "Пајаковата мрежа" и многу други, сите овие романи се брилијантни, а бројките за продажба покажуваат дека тие се несомнено најпопуларните книги на Кристи.
"Сепак имам една теорија: Доколку би им дале шанса и на останатите нејзини книги, верувам исто и вие ќе најдете неправедно изоставени скапоцени камења."
Британската романсиерка Софи Хана, зборува за нејзината последна книга "Убиствата во Кингфишер Хил" - Новата мистерија на Поаро.
Прашање: Четвртата мистерија на Поаро. Дали се навраќате на романите на Агата пред да почнете со пишување?
Одговор: Како доживотен и тотално опседнат обожавател, секогаш ги читам романите на Агата, немам некој посебен распоред пред да почнам да пишувам за Поаро. Можеби за вас тоа изгледа како истражување, ама за мене тоа е вистинско задоволство.
Прашање: Повторно и во оваа приказна останавте многу верни во градењето на ликовите и успеавте да го задржите вистинскиот Поаро на Агата Кристи. Колку е тешко или лесно да се направи тоа?
Одговор: Отсекогаш верував дека Поаро и припаѓа на Агата Кристи; јас сум само нова личност која работи со него и никогаш не сум сакала да го присвојам или да го сменам. Има зошто читателите го сакаат, поради тоа сакав да го задржам ликот во целост. После толку години, Поаро го чувствувам за близок пријател, пронајдов лесен начин за да пишувам за него.
Прашање: Поаро во овој роман изгледа најблизок со Кристи.
Одговор: Јас сум воодушевена доколку и моите читатели го чувствуваат Поаро на начинот на кој отсекогаш посакував, се трудев премногу да останам верна на Поаро кој сите го знаеме, Поаро на Кристи.
Софи Хана (1971) е британска писателка и поетеса, а светска слава стекнува со своите психолошки крими-романи, кои се преведени на 27 јазици. За својата книжевна работа повеќепати е наградувана, а два романа од нејзиниот опус добиле и филмски адаптации. Хана предавала на колеџите во Кембриџ и Оксфорд. Наследниците на Агата Кристи ја одбрале за писател што ќе го напише следниот нов случај на најпознатиот детектив од романите на Кристи, Херкул Поаро, со што ѝ е укажана огромна чест. Живее во Кембриџ со сопругот и со двете деца.
Пишува: ЧИТАЈ КНИГА
Во оваа книга, Ронда на совршен начин ни ја објаснува линијата помеѓу позитивните работи кои не' опкружуваат и негативните. Таа не учи да веруваме дека доколку мислиме позитивно - добри работи ќе ни се случуваат. И обратно, доколку мислиме негативно ги привлекуваме лошите работи.
"Тајна" во комплет го промени мојот начин на размислување. Благодарна сум со тоа што го имам и се фокусирам на позитивните и добри работи со кои се соочувам, имам визуелен штит за негативните и песимистички работи, кон кои доколку го насочиме вниманието, голема е веројатноста дека тие и ќе се случат.
Книга - водич полна со мудрости, во неа ќе научите како да ја применувате Тајната во секое подрачје од секојдневниот живот, вклучувајќи ги: здравјето, благосостојбата, богатството и среќата. Ќе развиете посебна моќ околу Вас, која може да Ви донесе радост во секој дел од Вашиот живот.
Книгата може да се порача тука.
Автор: ЧИТАЈ КНИГА
]]>Книгата разработува една многу деликатна и осетлива тема која за жал е застапена насекаде околу нас.
Станува збор за семејно насилство и данокот кој го зема. Но овој пат, жртва е самиот извршител односно сопругот, кого го убива неговата со години малтретирана жена Лидија. Лидија сама се пријавува и тврди дека го убила па затоа е приведена се' додека не се донесе ослободителна пресуда. Товарот на докажување вина паѓа врз драг колега и пријател на нејзиниот сега мртов сопруг, па тоа е препрека плус до нејзината слобода.
Во затворот склопува пријателства и ги дознава нивните мрачни дела. Но секое лице си има опачина. Секое делинквентно однесување има длабоки корени во детството. Тие деца најчесто се отфрлени, без мајчинска љубов и заштита, оставени сами против суровиот свет. И не' секогаш го избираат правиот пат.
А ликот на Лидија, за жал го има насекаде околу нас. Таа може да е жената која ни продава наутро леб, онаа што се шета по улица или онаа што живее два спрата под нас.
Книгата има интересен пресврт на крајот, што воопшто не се очекува. Многу ми се допадна, уживав додека ја читав има заслужена 5ка
Книгата може да се порача тука.
Автор на рецензија: Јана Ивановска
]]>1972 година Мередит Витсон има смислено брилијантен план. Имаше напишано претстава врз основа на една од многуте бајки кои им ги раскажувала нивната мајка. Потоа, планираше да ја изненади со нејзината изведба на божиќната забава...
"Никогаш не и доаѓаше природно да се потпре на луѓето за помош. Последното нешто што сакаше да го даде некому беше моќта да ја повреди."
Неколку години подоцна... Мередит и Нина Витсон, се сестри кои живеат во сосем различни светови. Мередит се има омажено многу млада, со својата прва љубов. Има две прекрасни ќерки и го води семејниот бизнис. Нина посакува нејзините фотографии да се најдат на насловните страни на познати списанија. Таа го следи својот сон и патува низ светот како познат фоторепортер. Секогаш различно се справувале со работите. Нина често паѓаше и повторно стануваше. Мередит пак, внимателно се движеше, ретко губејќи ја рамнотежата. Нина ги кршеше работите, додека Мередит ги чуваше да не се скршат.
"Колку повеќе слушаш нешто, толку помалку се сомневаш во вистинитоста."
Една неочекувана ситуација повторно ќе го спои нивното семејство. Нивниот татко, кој неуморно ја покажува својата љубов кон своите ќерки, кој е секогаш тука за нив наспроти нивната мајка која е ладна, таинствена жена, која дури и во најтешките мигови не им нуди утеха на своите ќерки.
"Натерај ја да ти ја раскаже приказната за селанката и принцот."
Мередит одеднаш се сеќава како беше порано, кога мајка им ќе дојдеше во нивната соба навечер и им раскажуваше приказни. На одредено време ги сплотуваше, но веќе следното утро поврзаноста исчезнуваше, додека пак, за приказните никогаш повторно не се разговараше.
"Едноставно не постоеше начин да ја запознае мајка и'. Никогаш не постоел."
Сега, татко им бара трите жени да му дадат едно заедничко ветување: бајката да биде раскажана и ислушана за последен пат. Овој пат, од самиот почеток до крај. "Сакаше да верува дека нема да биде сама во тешките денови но, кој би бил тука за неа?" Една сосема обична вечер, трите жени започнуваат едно необично патување. Навраќање кон старите денови. Разоткровање на вистината за животот на нивната мајка. Животот за време на војна, во Ленинград пред пет декади.
"Ниедна тајна не е безбедна."
Приказната за мајка им е толку потресна, страшна и срцепарателна што ќе успее целосно да го промени нивното семејство. Ќе успеат да донесат многу одлуки поврзани со нивните животи.
"Постојат некои ветувања што не вреди да ги бараш и бесцелно е да ги добиеш." Оваа е приказна за тоа колку далеку е подготвена да оди една жена, жртвувајќи се себе си.
Приказна која започнува бавно, меланхолично, раскажувајќи за едно семејство во кое ќерките копнеат по љубовта од својата мајка. Тоа е жена која неуморно го љуби својот маж, но не и своите ќерки.
"Не можеш да ја контролираш насоката на твоето семејство исто како што не можеш да ги запреш контитенталните плочи од пукање. Се' што можеш да направиш е да се подготвиш за она што следува."
Секој лик ме освои на посебен начин. Им завидував на Мередит, Ања и Нина како успеваа болката и тагата да ја задржат во себе, но воедно им се лутев што поради тоа ги отргнуваа најсаканите од себе. Благодарение на прекрасните описи на Ленинград вие за миг ќе почувствувате дека сте таму, заедно со нив.
Ова е приказна која нема да ве остави рамнодушни. Приказна за која нема да имате толку големи очекувања но, ќе успее да допре и до оние најсилните.
Книгата може да се порача тука.
Автор на рецензија: Изабела Велковска
]]>"Ако ги учиме девојките да бидат храбри и имаме мрежа на поддршка која ги бодри, тие ќе создадат неверојатни нешта."
Замислете си дека живеете без страв дека не сте доволно добри. Дека не ви е гајле како изгледа вашиот живот на "Инстаграм" или што мислат комплетните туѓинци за вас. Замислете си дека лесно се ослободувате од чувството на вина и сте престанале да се раскинувате себеси поради ситни грешки. Што доколку, при соочувањето со секоја одлука, сте го избрале похрабриот пат?
Во "Храбри наместо совршени", Решма споделува моќни согледувања и искуства со кои ќе ни помогне да ја надминеме нашата обука за совршено девојче и да ја направиме храброста наша доживотна навика. Со тоа што ќе станеме храбри наместо совршени сите можеме да станеме креатори на нашиот најхрабар и најсреќен живот.
"Сакам секој од вас, да ѝ каже на секоја девојка што ја познава- сестра, внука, вработена, колешка да се чувствува удобно во несовршеноста, бидејќи ако ги учиме да бидат несовршени, и им помагаме да го искористат тоа како предност, ќе создадеме движење на млади жени кои се храбри и кои ќе изградат подобар свет за себе и за секој од нас. "
Дали некогаш сте почувствувале дека го живеете животот што другите го очекуваат од вас, наместо оној што вие вистински го сакате? Кога би можеле да промените нешто без да се грижите дека "некого ќе изневерите", што би било тоа? Дали понекогаш чувствувате дека си создавате преголем притисок да бидете совршени? Да добиете најголеми признанија на работното место? Да бидете мајка која прави се'? Да бидете секогаш учтиви и фини? Дали мислите дека тој притисок ви претставува пречка во кој било сегмент во вашиот живот?
Книга преполна со приказни за храбри жени од сите возрасти, кои го менуваат светот, еден храбар чекор по друг. На сите ни требаат повеќе (реални) храбри примери што вреди да се следат.
Книгата може да се порача тука.
Автор: Христина Павлеска
Фотографија: Теодора Попоска
Флора Бенкс е млада девојка, има 17 години и има болест која што се нарекува АНТЕРОГРАДНА АМНЕЗИЈА. Сѐ што ѝ се случува таа многу брзо го заборава, односно нејзината краткотрајна меморија е оштетена, и таа не се сеќава на ништо по нејзиниот 10ти роденден. Со помош на зборови кои ги пишува по нејзините раце и во нејзиниот бележник, таа одново и одново се спознава себеси и својот живот. Една вечер, на плажата во близина на нејзината куќа, таа ќе го бакне Дрејк. Оттогаш тоа е единственото нешто на коешто таа ќе се сеќава. Но, Дрејк си заминува на Северниот Пол, на Арктикот. Таа е убедена дека Дрејк е единствената личност која ќе ѝ помогне да си го врати сеќавањето, бидејќи се сеќава на него и неговиот бакнеж. Родителите на Флора, по дијагностицирањето на нејзината болест, ја чуваат Флора како капка вода на дланка. Таа постојано заборава, не се сеќава на себеси, и пие лекови два пати дневно.
Во нејзиниот град, сите ја знаат и сите ѝ помагаат, иако таа не излегува многу надвор. Нејзината најдобра другарка Пејџ, е единствената другарка во која има доверба и која ѝ помага. Еден ден, братот на Флора, Џејкоб (кој живее во Париз), се разболува, и нејзините родители се приморани да отпатуваат во Франција, и да ја остават Флора сама. Токму тука започнуваат сите нејзини авантури. Предводена од единственото сеќавање – бакнежот на Дрејк, таа ќе тргне во потрага по Дрејк, на Северниот Пол.
Дали ќе го пронајде Дрејк? Дали ќе успее сама да се снајде и да отпатува дури до Северниот Пол? Кому може да му верува и како ќе се одржи во живот покрај нејзината амнезија?За книгава, сакам да ви кажам и мое лично мислење и доживување. Книгава дефинитивно ја сместувам во категорија YA, многу е погодна за тинејџери (15-17 години) кои започнуваат со читање. Дејството во книгата е интересно, со тоа што единствена забелешка е тоа што постојано со повторува едно те исто (на пример, писмото на мајка ѝ на Флора во кое е опишано која е таа и таа го чита секогаш кога заборава која е), но ако го ставите настрана фактот тоа што има работи што се повторуваат често (оправдано, бидејќи болеста на Флора е таква), дејството во книгата е доста мистериозно. Има доста заплети, и ве тера да читате што понатаму ќе направи Флора.
Во книгата, сите ликови имаат свој ФОНТ. Што мислам под тоа? Сите ликови што ѝ пишуваат писма на Флора си имаат свој ракопис (сите се различни) т.е во случајов си имаат свој фонт. Тој дел навистина МНОГУ ми се допадна. Ликот на Флора е доста интересно прикажан, како таа се мачи со нејзината амнезија, и нејзината желба за снаоѓање преку белешки. Ми се допаѓа што е прикажана во позитивно светло, што не се откажува и што има авантуристички дух. Како за крај, малку да ве заскокоткам. На Флора ѝ велат дека поради тумор во мозокот таа ја добила нејзината болест. Но, дали тоа е вистината или нешто друго се случило што ја предизвикало амнезијата на Флора? Ви оставам на вас да дознаете.
Книгата може да се порача тука.
Автор на рецензија: Ана Јаневска
]]>Една вечер нејзината сестра и соопштува дека ќе се мажи после тримесечна врска. "А зошто би сакал да и се посветиш само на една личност сега? За мажите кои се привлечни како ти, овој град е една огромна слаткарница полна со толку многу шарени и слатки колачиња што не постои теоретска шанса да одбереш само едно."
Вон Робертс е човек кој сака да се забавува. Слободен маж кој излегува со различни жени за да си помине добро и убаво. Тој едноставно уживаше во ваквиот тип на живот. Се се менува една вечер кога тој оди на вечера со својот брат, каде треба да ја запознае неговата девојка. Тие му соопштуваат дека наскоро ќе се земат. "Верувај ми дека ова е најучтивата од сите работи кои чекав да ти ги кажам цела вечер." Сега Сидни треба да биде старосватица на свадбата кај незината сестра, Изабел, а Вон кум. Сидни цврсто стои на одлуката дека ќе го игнорира Вон, но Вон не може да продолжи понатаму додека не ја заврши оваа мисија.
Како ќе се одвива заплетот на настаните, останува да откриете самите вие. Како и секогаш, Џули е тука да ве насмее и расположи. Одлична романса која топло ви ја препорачувам.
Книгата може да се порача тука.
Автор на рецензија: Изабела Велковска
]]>Jolabokaflod - е најубавиот начин за да се помине божиќната вечер.
Само замислете си колку е прекрасно. За Божиќ, од вашите најсакани ја добивате омилената книга и целата вечер ја поминувате спокојно, уживајќи во приказната, со топла напивка во омилената новогодишна шолја.
"Jolabokaflod" во превод значи "Потоп од книги". Две третини од книгите во Исланд се издаваат во ноември или декември. Стотици нови наслови се продаваат во книжарниците или супермаркетите по намалена цена. Тоа е традиција која стана витална за опстанокот на домашната издавачка индустрија. На Бадник традиционално се разменуваат книги или се поминува вечерта во читање.
Традицијата “Jolabokaflod” започнала за време на Втората светска војна, кога хартијата била една од ретките работи што не' недостасувале на Исланд. Поради недостиг на други производи, Исланѓаните започнале да подаруваат книги, претворајќи го Исланд во земја на книгохоличари.
Дефинитивно КНИГИ, ми се на шопинг листата за подароци на моите најсакани.
Убава традиција која би можеле да ја започнеме и кај нас оваа година, зар не?!
Автор: ЧИТАЈ КНИГА
Фотографија: Pinterest
]]>Меко ќебе, нова книга и топло чоколадо кое ги грее рацете и срцето - дефиниција за совршен зимски ден!
Предлог книга: "Коски на срцето" - Колин Хувер
Состојки:
Во тава, загрејте ги млекото и шлагот. Исечкајте го чоколадото во блендер. Во топлото млеко додадете лешници и сечкано чоколадо. Сипете во чаша. Украсете со маршмало и уживајте.
Автор: ЧИТАЈ КНИГА
Фотографија: Теодора Попоска
]]>
Низата убиства на млади девојки убиени на ист начин како и порано водат до заклучок дека делата ги сторил истиот извршител.
Но дали е тоа можно? Сите веруваат дека е пак тој ,,Убиецот од кланицата", но само Кејт (началничка и бивш Амиш) знае дека тоа е невозможно. Сака да ја потврди таа теза, па копа во минатото кое скоро е целосно заборавенo, но не' и преболено.
Насекаде ја следат нејзините демони и мрачните тајни од минатото. Време е повторно да се соочи со нив колку и тоа да е тешко за неа и нејзиното Амишко семејство, од кое одамна е откажана бидејќи не се пронаоѓа во таквиот покорен начин на живот. Нејзините амбиции се преголеми. Но дали се доволни овојпат да го фати злосторникот и да запре уште едно убиство?
Книгата лично многу ми се допадна. Запознав една нова култура - културата на Амишите и нивниот начин на живот. Од Кејт научив дека во ред е секој да чекори по својот пат, без разлика дали тоа му се допаѓа на другите околу нас. Дејствата на извршителот се опишани до најмал детаљ, па доколку имате осетлив стомак не ја читате. Но тоа е и суштината на ваквите крвави трилерите, да не размрдаат и згрозат.
Ја препорачувам на сите кои сакаат трилери и уживаат во нив, исто како и јас. Од мене 5
"Заколната на молк" - Линда Кастиљо
Автор на рецензијата: Јана Ивановска
]]>Една вечер може целосно да го промени вашиот живот. Хејвен Тревис е богата наследничка, која и покрај парите на нејзиното семејство одлучува да се омажи за човек кој незиното семејство не го одобрува. Во овие мигови, отсечена од парите и наследството таа се сели во Пијано, северно од Далас.
"Можеш да чуваш еден куп ракови во плиток сад и ниту еден нема да избега. Бидејќи штом еден ќе почне да се искачува, другите ќе го повлечат повторно назад."
Таа и Ник ќе донесат одлука да живеат заедно и да работат за да си дозволат пристоен и убав живот. Многу работи не' се како што изгледаат на самиот почеток, во овие мигови нејзиниот живот тргнува во нов и опасен правец.
Две години подоцна одлучува да го напушти својот сопруг и никогаш повторно да не стапи во брак. Се враќа дома, решена да го чува своето срце по цена на животот.
"Чувај ги пријателите блиску, а непријателите уште поблиску."
Харди Кејтс е успешен милионер, кој се занимава со нафтена индустрија. Неговото минато е лошо и мрачно, доаѓа од Велком, лошата страна на градот. Тој би направил се' за да биде успешен во својата работа, но и да ја постигне својата посакувана цел. Искачувајќи се кон врвот, тој има стекнато многу непријатели, меѓу нив е и семејството Тревис. Во неговиот ум постои само одмазда.
"Еден од благословите кој човечките суштества го земаат здраво за готово е способноста да се сеќаваш на болката без повторно да ја чувствуваш."
Многу емотивна приказна, која нема да ве остави рамнодушни. Приказна за животите на Хејвен и Харди, за нивното минато, сегашноста и иднината. Иако нивниот живот е далеку од совршен, нивната судбина има друга замисла. Ќе имате многу предрасуди кон одредени ликови, но има и ликови кои ќе ви бидат особено значајни. Ќе се најдете во ситуација во која треба да се донесат тешки одлуки, по цена на животот. Книгата ќе успее да пробуди многу мисли и прашања низ вашата глава.
Ова е приказна која ќе ви докаже и покаже, колку далеку може да стигне една личност, жртвувајќи се за љубовта, по цена и за својот живот.
"Почнав да верувам дека малку пати во животот, ако имаш среќа, ќе сретнеш некој кој е совршено соодветен за тебе. Не бидејќи е совршен, или бидејќи ти си, туку бидејќи сите ваши недостатоци се подредени на таков начин што дозволуваат две одделни суштества да се врзат едно за друго."
"Јужњакот со сини очи"- втор дел од серијал
"Девојка од мал град" - прв дел
Автор на рецензија: Изабела Велковска
]]>Светлото утринско сонце беше сведок на загубата и болката на Мила, кога од нејзините прегратки насилно и го одземаа малиот Џастин. Бебето беше киднапирано, а таа повредена заврши во операционата сала во рацете на нејзиниот сопруг кој скршен од болка не знаеше за емоциите кои навираа во него.. единствено што во моментот беше најважно... беше да ја спаси сопругата.
Линда Хауард ни напишала приказна која ќе остане засекогаш во нашите срца.
"Избриши ги солзите" е приказна за една мајка, за бесконечната нејзина љубов кон тоа парче од срцето кое и е одземено. Мила е хероина за каква до сега немам читано. Мајка подготвена на се' за повторно да го види своето дете. Најемотивен ми беше делот кога раскажува за секоја година на Џастин и како му купува по некоја играчка замислувајќи дека со таа би си играл.
По 10 години, Мила е главна во организацијата "Пронаоѓачи", оранизација за пронаоѓање на исчезнати лица. Таа на некој начин ја потиснува својата болка помагајќи им на другите мајки да си ги пронајдат своите чеда, но никогаш не губи надеж дека ќе го најде и своето дете. Нејзиниот живот е комплетно распаднат, а исто така и бракот со Дејвид. Тој решава да си го продолжи животот, а Мила ја следи својата мисија - да го најде Џастин. Таа е храбра и силна жена, која се соочува со најголемите криминалци и најопасните луѓе. Еден ден организацијата добива дојава за синџир за трговија со бебиња во мало село во Мексико, а Мила без двоумење тргнува да истражува. Човекот кој таа го бара е човек со едно око (таа во моментот на киднапирањето успеа да го обележи).
И кога целиот свет околу неа се откажа, и кога сите ја советуваа да си го продолжи животот... таа без никакви очекувања до каде и како ќе заврши, се фати за подадената рака на најопасниот човек во државата.
Трилер / романса... прекрасна, возбудлива и срцепарателна. Приказна која ќе го задржи вашето внимание до последната страница.
Заслужено прво место за КНИГА НА ГОДИНАТА 2020та, во категоријата РОМАНСИ.
Автор на рецензија: Дијана Р. Павлеска
]]>