„Старецот и морето“ е едно од најпознатите и највпечатливите дела на Ернест Хемингвеј. Раскажана на јазик со неверојатна едноставност и книжевна моќ, приказната за кубанскиот рибар и неговата борба со староста и силите на природата ја плени читателската публика уште од своето издавање во 1952 година. Преку искушенијата на стариот рибар и во проза што ќе ја обележи една цела генерација на американски и светски писатели,
Хемингвеј ни зборува за борба од најблагороден вид – борба во која и победата и поразот се еднакво чесни и возвишени – бидејќи она што ги поврзува противниците не е ниту презир, ниту омраза, ниту страв, туку почит и љубов и храброст.