Сонцето секогаш наоѓа начин да допре до нас.
Од авторот на „Никогаш не оставај ме“ и „На крајот од денот“ – прва книга на Казуо Ишигуро по добивањето на Нобеловата награда за литература, фасцинантно дело за чудесната и мистериозна природа на човековото срце.
Клара е она што во чудесниот и футуристички свет на Ишигуро се нарекува ВП, вештачки пријател – човеколик робот кој родителите им го купуваат на децата за да им овозможат друштво и поддршка. Хранејќи се со сончевите зраци во излогот на продавницата, набљудувајќи ги луѓето и сѐ повеќе разбирајќи ги нивните чувства, Клара надежно чека некој да ја вдоми.
Во мигот кога четиринаесетгодишната Џози решава токму Клара да биде нејзина пријателка, односот меѓу роботот и човекот добива друга димензија, а книгата станува преиспитување на емоциите. „Клара и сонцето“ е возбудлива книга со специфичен наратор, која ни овозможува од поинаков агол да проникнеме во едно од суштинските прашања на постоењето: што значи да се сака?