
Водата се стврднува при неповолни услови, исто како и човечкото срце.
Во древноста, крај животодавната река Тигар, една мала дождовна капка паѓа врз главата на суровиот владетел Асурбанипал, опседнат со глинените плочи на кои е запишан познатиот еп за Гилгамеш. Следејќи го цикличниот пат на капката низ вековите, патуваме низ земјите и културите, а нејзините промени нè носат до нови херои: момче со генијална меморија родено на брегот на валканата Темза во викторијански Лондон, наглуво девојче кое во 2014 г. со баба ѝ заминува во долината Лалиш, свето место на нејзиниот народ соочен со уништување. Во наши дни, ним им се придружува една научничка која го напушта сопругот и се сместува во својот нов дом: брод на реката Темза.
Овој волшебен роман на Елиф Шафак ги следи чудесните текови на водата, историјата и судбините, испишувајќи приказна проткаена со длабока емпатија за несреќните и отфрлените. Водата владее над сите нив – таа е и предвесник на животот и гласник на смртта. Иако телото е смртно, душата е вечен патник – исто како капката вода. Водата памети. Луѓето забораваат.
„Одисеја, еп, приказна за искупување. ‘На небото има реки’ е повик да им се оддаде почест на елементарните сили кои ни ги обликуваат сеќавањата, историите, нашиот свет. Накратко – ремек-дело.“
Рут Озеки