Човек мора да ја дочита приказната докрај за да ги дознае одговорите. Така е и со животот. Никој ништо не добил уште на самиот почеток.
Палестина, 1990 година. Седумнаесетгодишната Исра повеќе сака да чита отколку со сведнат поглед да ги служи просците што татко ѝ ги пречекува сакајќи да ја омажи. Брзо како насон, но многу различно од нејзините соништа, таа за една недела од мечтателка станува жена и заминува за Бруклин. Таму започнуваат маките на Исра, која се труди да ги исполни очекувањата на свекрвата и на сопругот Адам, со надеж дека ќе ја засакаат.
Бруклин, 2008. Осумнаесетгодишната Деја, најстарата ќерка на Исра, мора да се запознава со кандидатите за сопруг кои баба ѝ ги избира, иако нејзината желба е да студира. Деја се прашува дали ќе ѝ помогнеа нејзините родители ако не загинеа во сообраќајна несреќа. Меѓутоа баба ѝ е одлучна: единствената добра иднина за Деја е бракот со вистинскиот човек.
Но судбината си има свои патишта. Наскоро Деја ќе се соочи со болни вистини за семејството што долго биле криени од неа – за смртта на нејзините родители, за бегството на тетка ѝ, за неопходноста самата да одлучува за својата иднина.
„Жената не е маж“ е приказна за традицијата, честа, тајните и предавството, љубовта и насилството. Таа е интимен поглед во строгиот и затворен свет на арапската жена, универзална вистина за семејството и начинот на кој замолчувањето и срамот може да ги уништи кревките души што треба да бидат заштитени.