„Сагата за Рајна“ е роман базиран на вистински настани и вистинската животна приказна на Рајна Алексова, првата школувана аптекарка не само во Македонија, туку и на целиот Балкан.
Родена во 1883 година во Битола, по тешкото детство и смртта на нејзините родители, радост пронаоѓа единствено во учењето и цврсто решава дека ќе го исполни ветувањето дадено на нејзината покојна мајка, дека ќе стане некој и нешто. Со неизмерната љубов кон образованието, Рајна урива бариери и стереотипи во Османлиското Царство. По завршувањето на Француската гимназија во Солун, нејзиниот постар брат Ристо Шпицарот (на турски аптекар), кој ја имал првата аптека во Битола и бил трговец и приучен аптекар, во 1902 година ја однел во Лозана, Швајцарија, и ја запишал на Факултетот за фармација, на нејзина голема радост, со желба да дипломира и потоа заеднички да ја водат аптеката. Рајна во Битола се вратила како европска дама, со диплома на фармацевт. Нејзината и радоста на брат ѝ Ристо траеле кратко, бидејќи, откако веста за школувана каурка стигнала до тогашниот управител на Битола, започнуваат мачните денови, месеци, па и години за најучената жена во градот на конзулите. Турските власти не ѝ дозволувале да ја врши аптекарската професија. Но Рајна не се откажувала. И така продолжува нејзината животна приказна, вистинска сага…
Но „Сагата на Рајна“ не е само роман за професионални достигнувања, туку и приказна за семејни радости и болки, скршени срца и залечени надежи; делумно љубовна, делумно трогателна, делумно позитивна и покрај сето црнило. Во секој случај, наша и исклучителна.