"Никаде без ќерка ми" - Бети Махмуди со Вилијам Хофер

Силно допира таа врска која е нераскинлива со нашите ќерки и за која не постојат препреки, ниту изговори. „Никаде без ќерка ми“ е она што секоја мајка би го изговорила, зашто без она што ни се издвоило од утробата-животот нема смисла! Само мајка може да издржи сѐ за чедото и само мајка може да стои исправена пред сите додека душата и се дели на парчиња, а срцето ѝ крвари.

Млада жена, која по еден неуспешен брак, зракот надеж го гледа во младиот доктор Иранец, во кој се вљубува и со кој доживува романтична врска, гледајќи го со своите заљубени очи како идеален маж со кој таа би го поминала својот живот. И тој навистина е таков додека тие двајцата се заедно и го градат својот живот на американско тло. Нивниот живот е како бајка, а младата Бети го ужива статусот на добро ситуирана докторска жена, додека ги поминува своите денови во новиот дом во една од најугледните населби во Америка, грижејќи се за нивната ќеркичка Махтуб.

Сплет на околности ги принудува да заминат во Иран, каде докторот има свое семејство кое ги очекува со нетрпение. Бети е убедена дека патувањето е на само две недели, иако некој внатрешен глас ја предупредува да не верува слепо. Мешаниот брак не е она што им пречеше на нејзините родители, но жената американка која Махмуди ја доведува како сопруга во неговиот дом и тоа како му пречи на голем дел од семејството. Големи се отстапките кои ги прави Бети за да се вклопи во средината. За неа таму сѐ е туѓо-обичаите, навиките, начинот на живот воопшто, но најмногу туѓ ѝ станува човекот за кој таа се има омажено. Тој станува друга личност која Бети никогаш претходно не ја има видено и колку повеќе остануваат на негова територија,нејзе сѐ повеќе ѝ станува јасно дека враќање назад нема.

Читав и со горчина во душата ги доживував нејзините стравови. Нејзините молби и неговите удари. Удари врз жената која му создаде дом, жената која прифати сѐ негово и која беше подготвена да направи сѐ за мажот кој го сакаше. Жената која му роди здраво дете, девојче кое на само пет години созреа и научи како да преживува трпејќи ги ударите на општеството во кое беше заробена. Им се восхитував на силата, треперејќи заедно со нив во тесната соба, со солзи ја топев нивната тага и се воодушевував на силниот интелект со кој им пристапува на сите книги додека е држена во заложништво, учејќи за Исламот, за да може и на неговиот Бог да му се обраќа во молитвите со надеж дека Тој ќе го вразуми.

Моќна приказна за љубовта на мајката кон своето чедо, раскажана во сосема поинакво време од денешното, време на војни и време на силни светски превирања и кризи. Ни дава силна порака за вредностите во животот, за скапата цена на слободата која често пати ја забораваме, земајќи ја како нешто што секако ни припаѓа, а истовремено зааборавајќи и колкава привилегија е. Не само слободата на живеење во едно општество, туку и слободата на живеење како личност, како жена, а најмногу од сѐ слободата на размислување и дејствување, како и изборите кои ги правиме во текот на животот, а кои можат многу скапо да нѐ чинат.

 

Автор на рецензија: Билјана Мартиновска