"Невидлива убавина" - Ејми Хармон

„Вистинската убавина, онаа што не избледнува и не исчезнува, бара време. Бара труд. Бара неверојатна издржливост. Тоа е бавната капка што ги создава сталактитите, потресот на земјата што ги создава планините, постојаниот удар на брановите што се кршат од карпите и ги измазнуваат острите брегови. И од силата, од возбудата, од беснеењето на ветровите, од вртлогот на водите излегува нешто подобро, нешто што инаку не би постоело.
Затоа издржуваме. Имаме верба дека постои цел. Се надеваме на работите што не можеме да ги видиме. Веруваме дека има лекција во загубата, сила во љубовта и дека во нас имаме можност за убавина, толку величествена, каква што нашите тела никогаш не би можеле да имаат...“
❤️

Ваква модерна романса како „Невидлива убавина“ немав читано со години. Всушност, не би ја ни вброила во класична романса, ова е драма, животната драма на неколку меѓусебно поврзани ликови од едно гратче.

Знаев, едноставно знаев дека книгава многу ќе ми се допадне, имав такво чувство, ама искрена да бидам – не очекував до толку да ме воодушеви.
Толку убави и емотивни дијалози, мали извадоци кои наликуваат на нешта кои доста често ги има низ christian fiction книгите (*disclaimer: ова не е christian fiction книга, туку драма), кои даваат едно такво убаво чувство, ти носат среќа и надеж дека во сè, во секоја проклета работа има нешто убаво, не знам...ѝ се восхитувам на Ејми Хармон и мислам дека буквално ги погалила ѕвездите со голи раце преку оваа книга. ❤️
Толку силни ликови, а сè почнува навидум детски и наивно, што просто не ти се верува дека испаднало нешто волку добро. Овде сите ликови ми беа убаво осмислени и секој си имаше свој придонес во градењето на приказната. Така се немав соживеано со ликови од книга баш од времето кога ги читав „Ова завршува со нас“ и „Јас пред тебе“, таков тип на фино книжевно дело ми беше.
За Ејми пак ќе кажам, женава е подвижна поезија. Меланхолична, романтична, хумористична токму тогаш кога треба. Ми разбуди многу емоции, многу насмевки, многу солзи, горчина во деловите кои беа сурово реални (9/11, жртвите во Ирак, пожртвуваноста на војниците, љубовта кон татковината каква и да е таа), толку длабоки теми, не знам, навистина немам зборови и се чувствувам немоќно и неспособно да ја образложам мојата фасцинација со книгава. Не можам да ја споредам со никоја друга, но по емоциите кои ги разбуди во мене, дефинитивно станува уште една моја омилена книга, а Ејми Хармон заслужи да се најде на листата омилени авторки.
Ејми е многу специфична во некои книги, но во оваа е апсолутно допадлива до степен тотално да те обземе и да не приметиш дека ти летнал денот дури си ја завршил книгава.
Со оглед на тоа што имам прочитано уште нешто од нејзиниот опус, без сомнеж ќе потврдам дека за мене ова е нејзината најдобра книга. Навистина се надминала себе си и не знам дали ќе има друга книга која толку ќе ми се допадне колку оваа. Верувам дека сите ѝ се убави, но оваа засекогаш ќе има посебно место на мојата полица. Толку убави цитати од Џошуа (таткото на Ферн е пастор), толку слатки романтични писма циркулираа помеѓу Ферн и Емброуз, пријателството со Бејли, повторното дигање од пепелта со поддршката и помошта од тие малку луѓе кои вистински се грижат за тебе...не знам, само нафрлам мисли кои ми доаѓаат во моментов, навистина сум трогната од книгава и е единствена кај која немам никакви замерки, а да бидам искрена, некогаш па и самата на себе си одам на нерви со тоа што им наоѓам замерки и на најголемите глупости што можат да постојат. 

Автор на рецензијата: Марија Иванова