Коста Петров: “Затоа, без разлика колку е тежок товарот, најди и ти причина да се насмевнеш. Ако за ништо друго, барем затоа што е добар лек”.
Коста Петров, денес е еден од најпродаваните современи македонски автори. На читателите им е веќе добро познат по неговите мотивациони книги. Тој исто така е и основач и извршен директор на „Пи Ворлд“, глобална креативна агенција основана во Македонија, со присуство во триесет земји во светот, меѓу кои се САД, Русија, Канада, Јужна Кореја, Иран, Катар, Мароко, Јордан, Азербејџан, Србија и Хрватска.
Мојот водич кој ме инспирираше да превземам секакви ризици, да се надоградам како личност и најпосле да ги живеам моите соништа.
На мое огромно задоволство, како прв интервјуиран гостин на официјалниот блог на Читај книга го имаме Коста Петров.
Читај книга: “Се гледаме на врвот” твоето првенче кое денес е една од моите омилени книги. Како изгледаа твоите почетоци и како успеа да го надвладееш “Стравот”?
- Гледајќи наназад на се што ми се случувало во животот, бескрајно сум благодарен на сите предизвици и лекции. Научив дека непријателот е нашата реакција а не самиот предизвик. Кога и да се соочувам со некој страв се прашувам, зошто овој страв постои во мојот живот? Што ќе научам од него? Каде ќе ме одведе и што ќе ми помогне да постигнам? Не можам да кажам дека сум го победил стравот бидејќи сметам дека тој е составен дел од нас, исто како и љубовта. Всушност, целта не е да го победиш стравот туку да го трансформираш.
Читај книга: Која е твојата најголема мотивација и од каде наоѓаш инспирација?
- Животот и сите работи што секојдневно ми се случуваат се моја најголема инспирација. Секој ден учам нова лекција, се спознавам себеси, анализирам што треба да променам, што треба да направам. Не се плашам од предизвици, напротив им се радувам. Се што сум направил во мојот живот е резултат на некој надминат предизвик и проблем. Се додека учиме и се трансформираме, животот ќе ни биде исполнет со чуда.
Читај книга: Од каде се појави желбата за пишување на мотивациони книги?
- Мојата ќерка е причината поради која ја напишав мојата прва книга. Сакав да и објаснам дека животот е полн со изненадувања, некои убави, некои лоши. Сакам да знае дека секој предизвик носи со себе благослов и со секој предизвик сме поблиску до животот кој навистина треба да го живееме. Сакам да верува во себе, да го слуша својот внатрешен глас а не да го живее животот според правилата на другите. Најважно, сакам да знае дека чудата се случуваат надвор од комфорната зона.
Читај книга: Која од твоите книги ти одзема најмногу време за да ја напишеш?
- Најверојатно оваа што во моментов ја пишувам. Ја пишувам веќе две години и мислам дека направив едно 20 верзии на книгата. Премногу работи се случија за да остане така како што е напишана. Но, како и се во животот, си ветив дека ќе ја завршам до крајот на летото. Во неа има многу интересни приказни. Многу нови научени лекции но суштината е слична како и претходните. Ова можеби е Се гледаме на врвот со анекс.
Читај книга: Бидејќи твојата компанија работи со организација на настани ширум светот, па поради тоа патувањата се дел од твоето секојдневие. Која земја ти има оставено најубави спомени и освен фамилијата што друго те врзува за Македонија?
- Бескрајно сум благодарен што мојата работа во Пи Ворлд ми овозможи да патувам насекаде во светот и да бидам опкружен со луѓе кои ги креираат светските бизнис трендови. Секој град има своја посебна приказна но кога би бирал тоа дефинитивно би биле Техран и Њујорк. Техран бидејќи има во себе некоја посебна мистика и магија а Њујорк бидејќи кога и да се вратам таму се чувствувам како да сум дома. За мене Њујорк останува град со милион можности. Има некоја енергија кога си таму која ти вели, можеш да направиш се што посакаш. Ништо не е невозможно.
Се разбира, најубаво ми е тука, дома, во Македонија. Тука се моите, историјата на моите претци, сите жртви што биле направени за да го имам животот што сега јас го имам. Македонија е и местото каде што конечно научив да го сакам животот, таков каков што е, полн со предизвици, лекции но и убавини, многу убавини.
Читај книга: Читателите ги интересира дали во скоро време Коста Петров ќе создаде ново дело?
- Си дадов рок дека можам да ја завршам книгата до крај нa летото. Едвај чекам да го споделам напишаното со сите мои читатели.
Читај книга: Омилена книга што ја препорачуваш на следбениците на Читај книга?
- Јас најчесто читам историски книги, биографии и автобиографии. Ретко ми се случува да читам фикција. Би ги препорачан LONG WALK TO FREEDOM на Нелсон Мандела. Одлична е и автобиографијата на Беназир Буто. Но моја најомилена книга на сите времиња е NICHOLAS & ALEXANDRA на Роберт К. Меси.
Читај книга: Што им препорачуваш на сите млади претприемачи?
- Нема ништо потешко, но и поубаво од тоа да си претприемач. Би им препорачал да ја гледаат секоја криза како можност. Да не се врзуваат само не сега, на овој момент туку да ја согледаат големата слика. Да размислуваат како преку својот продукт ќе го променат животот на нивните клиенти. Секогаш да се фокусираат на решението. Но најважно, да сфатат дека успехот или неуспехот на нашите бизниси не не дефинира нас како луѓе. Ние сме многу повеќе од нашите бизниси и нашите кариери.