„Гордост и предрасуда“ – Џејн Остин
Гордост и предрасуда е безвременски роман за љубовта, манирите и вредностите на англиското општество во 19тиот век. Ова е еден од најпопуларните романи во англиската литература и несомнено најдоброто дело од творештвото на Џејн Остин, кое сосема заслужено спаѓа во категоријата класици на светската книжевност.
Во центарот на дејствието е семејството Бенет, поточно нивните пет ќерки. Според тогашните закони во Англија само машките членови може да бидат наследници на имотот, па поради тоа, госпоѓата Бенет е фиксирана за идејата дека барем една од нејзините ќерки треба да се омажи во богато семејство за да може да им обезбеди поддршка и сигурност на останатите сестри.
Се започнува со доаѓањето на господинот Бингли, заедно со неговите сестри и најдобриот пријател, господинот Дарси во нивното соседство, на имотот Недерфилд. Господинот Бингли ќе се заљуби во најстарата и најубавата ќерка во семејството Бенет, Џејн и љубовта ќе му биде возвратена.
Хероина во романот е Елизабет (Лизи) Бенет, која е паметна, духовита и разумна личност, но понекогаш знае да донесе избрзани одлуки. Таа за разлика од останатите девојки се спротиставува на тогашните општествени норми и верува дека во брак треба да се стапи само поради љубов. Грубоста и горделивоста на господинот Дарси кај неа ќе предизвика осуда и предрасуди. Но, ведрината и интелегенцијата на нејзиниот дух кај Дарси ќе предизвикаат сосема поинакви чуства и тој ќе се заљуби во неа. На почеток, тој ќе се обиде да се избори со овие чуства бидејќи се спротивни на неговите принципи и првобитните впечатоци за нејзиното семејство, но љубовта која ја чуствува е посилна од она што му го налага разумот.
Како што продолжува приказната и развојот на настаните, Лизи и Дарси се повеќе и подобро почнуваат да се запознаат и да го менуваат мислењето еден за друг, особено по една великодушна постапка на Дарси.
Но дали е ова доволно да ја премостат гордоста на едниот и предрасудите на другиот и да ја прифатат љубовта која расте меѓу нив?
Она што е интересно да се забележи е раскажувачкиот стил на Џејн Остин во овој роман. Ликовите се градени така што кај нив честопати се соочуваат две големи спротивности. На пример Лизи, од една страна е паметна, остроумна и ведра девојка, но од друга страна носи избрзани заклучоци. Дарси пак оддава впечаток на надмен, горделив, ладнокрвен благородник кој ги гледа останатите од високо, но истовремено зад таа ладнокрвност се крие принципиелност, грижливост и одмереност. Ист е случајот и со родителите на Лизи. Џејн Остин многу лесно ги привлекува читателите да го засакаат таткото на Лизи, господинот Бенет, но неговите постапки не влеваат почит. Од друга страна, недостатокот на манири и одмереност кај госпоѓата Бенет се зачудувачки, но сепак читателите и се воодушевуваат на нејзината упорност во остварувањето на целта.
Џејн Остин спаѓа во класата на раскажувачи кои проткајуваат интригантна содржина во своите романи и детален приказ на ликовите. Нејзината вештина да напише книга која истовремено е забавна и со нота на сатира, но суштински навлегува во јазот на општествените разлики ќе ве натера да ја засакате оваа книга и да посакате повторно да ја прочитате.
Оценка: 5/5
Автор на рецензија: Весна Трифуноска