"Сите мажи ја сакаат Лиа" од Ксенија Николова
Неговиот свет е наопаку, но Лиа ќе го врати на место.. Која е Лиа? И зошто сите мажи ја сакаат Лиа?
Станува збор за еден современ психолошки роман којшто од старт ќе ве изненади и нема да ве остави рамнодушни до самиот крај. На почетокот ќе мислите дека е како сите љубовни драми, но не е само љубовна драма раскажана од еден маж, оваа книга крие многу пораки кои ќе ве натераат да размислувате и да се пронајдете себеси.
“Ова се неколку работи кои ти посакувам секогаш да ги практикуваш, а откако ќе ја прочиташ оваа книга, мислам дека ќе имаш и поголема мотивација за тоа. Убавината на животот е токму во слободата. Никогаш не и' ја одземај таа слобода на твојата душа. Твојата мисија во овој живот не е ништо друго освен вистински да живееш, онака како што умееш и онака како што сакаш. Се' друго е помалку важно.
Не пропуштај го животот, не дозволувај моментите да ти побегнат. Ако излезеш во паркот, помирисај ја природата и слушни ги птиците како пеат. Разгледај наоколу и запомни што си видел. Понеси нови спомени. Ако отидеш на плажата, земи малку од водата во рацете и истури ја по своето тело. Пушти сонцето да те милува, а песокот да ги гребе твоите стапала. Радувај се. Секој ден ти е подарок, престани тоа да го забораваш. Насмевни се. Животот не е лесен, но сепак - насмевни се.
Додека птиците пеат во паркот, а ветрето го гали брегот, во тебе нешто ќе се измени. Мислите твои ќе исплетат виножито на небото, а ти ќе престанеш да се плашиш од дождот, затоа што ќе го победиш. Дури и кога повторно капки од небото ќе паднат на твојата кожа, ти ќе танцуваш, наместо да тагуваш. Ќе знаеш, дека само со танц ќе исплетеш мисли кои тебе ќе ти исплетат виножито.”
Интересна и едноставна приказна напишана од перото на Ксенија Николова што едноставно нема да ја испуштите од рака. Крај што остава без зборови. Отворете ги сите сетила, пуштете ги мислите да ве носат каде ќе посакаат. Верувајте во себеси. Само вие можете да ја измените својата приказна!