Сеќавањата кои ги ценам најмногу, не гледам дека избледнуваат. - "Никогаш не оставај ме"
"Никогаш не оставај ме", дефинитивно го зазема местото на книга број еден во листата на мои омилени. Книга која се чита внимателно и пополека, со грутка во грлото. Ова не е обична приказна. Ова е приказната на Кети, Рут и Томи.
Кога првпат ја видов оваа книга, ни најмалку не очекував дека ќе влезам во дистописки роман што во мене ќе предизвика чувство на тага и кршење на срцето. Всушност, тоа што не знаев што ме очекува го направи читањето толку пријатно и покрај срцепарателниот крај.
А очекував љубовен роман.
Книгата е раскажана од перспективата на Кети, која има 31 година и работи како "негувателка" во време на пишувањето и ни раскажува за минатото. Зборува за пријателите со кои израсна и детството поминато во англиското интернатско училиште "Хејлшам". Главните ликови се прекрасни, секој на свој начин различен - но сите со иста судбина, однапред напишана.
Романот е поделен на три дела: детството во "Хејлшам", адолесцентните години во "Куќарките" и годините кога главните јунаци ги поминуваат како "дарители" или "негуватели" во англиските центри за рехабилитација.
Нема да откривам повеќе, сакам да ја почувствувате емоцијата која ми го помести срцето! Нурнете во светот на Ишигуро и уживајте во неговиот прекрасен стил на пишување.
Оцена: 5/5
Автор на рецензијата: Дијана П. Ристовска