"Последната камелија" - Сара Џио

Едно големо браво за начинот на опис на приказната како и за добрата комбинација на историска драма/мистерија проткаена со елементи на љубов. Книга која дефинитивно ме натера да си го украсам дворот со камелија и исто така ми ја покажа колку интригантни може да се цвеќињата, колку спомени можат да нудат, колку убави моменти и несреќни моменти можат да симболизираат.

Приказната започнува 1940 и паралелно се раскажува со сегашното дејствие 50 години подоцна. Темата на приказната е потрага по ретката и легендарна Мидлбериска розова камелија.

Флора, скромна ботаничарка која исто така работи и во фамилијарната пекарница ја контактира шефот на интернационалниот синџир за кражба на цвеќиња за да ја најде Мидлбериската розова камелија која се смета дека е лоцирана на имотот на Линвингстонови. Понудата е таа да работи како дадилка и да го лоцира реткото растение. Флора воопшто не сака да го прифати ова ама за жал условите ја присилуваат. Но, работите почнуваат да се комплицираат.

Сега 50 години подоцна, дизајнерка на градини по име Адисон доаѓа во вилата Ливингстон која сега е во сопственост на семејството на нејзиниот сопруг,  за време на летото. Нивната страст за решавање на мистерии ги води до раскопување на мистеријата околку Мидлбериската розова камелија која е длабоко сокриена во имотот.

Ликовите во книгата се претставени на добар начин. Преку Флора, ја покажува пожртвуваноста, добрината; Преку Едвард Ливингстон е покажана љубовта, горчливоста, барањето утеха, слепоста, жалењето. Децата на Ливингстонови беа покажани како деца на кои им фали љубов и откако таа им беше дадена целосно се променија и уживаа во животот. Госпоѓата Диловеј која покажа посветеност, искупување, добрина, како и останатите слуги. За сите останати ликови, па ќе дознаете со читање на книгата.

Приказна каде што е опфатена љубовта на прв поглед на многу сладок начин, начинот на живот пред Втората светска војна во Англија, приказна во која се покажува во колку далеку може да оди одбележувањето на еден спомен и ‘’самоказнувањето’’, како и колку силно може да биде помнењето на убавите моменти со тие личности.
Мене лично книгава ми остави огромен позитивен впечаток, дефинитивно ви ја препорачувам ако ја немате прочитано.

Оценка  5/5

Книгата може да се порача тука.
Автор на рецензија: Бојан Радичевски