Малку до среќа

Скоро секој од вас знае како е настаната Читај книга, со колку болка и љубов е создадена. Поради тоа, сакам да ги одвојам работите што мене навистина ми помогнале и што секојдневно се мои верни придружници. Верувам дека ќе ви помогнат и на вас за да ги постигнете посакуваните цели во животот. 


"Вие сте капетанот на вашиот брод. Мора да го управувате кормилото на животот и да одите во насока каде што треба да бидете, отколку да му дозволите на морето да ве однесе во насока каде што тоа чувствува дека треба."


Радувајте се на мали нешта. Не ви треба "нешто" за да бидете среќни. Не трагајте кон нешто "повеќе". Социјалните мрежи, во денешно време ни станаа господари. Жално е тоа што влијателните личности не' продаваат приказна туку продаваат само производи. Дозволете им на социјалните мрежи да ви бидат слуги што ќе ви помагаат и што ќе ве инспирираат. Не им ја давајте вашата моќ за да господарат со вас.


Уживајте во утринските ритуали (омиленото утринско кафе или чај, зраците на сонцето, книгата што ве инспирира...). Одвоете 15 минути само за себе. Не ги игнорирајте убавите работи кои се случуваат околу вас и кои можат да влијаат на вашата среќа и расположение. Не го игнорирајте мачето или кучето што го чувате. Дајте им го вашето внимание.


Пребројувајте ги вашите благослови или работите кои ги имате во вашиот живот. Ако бидете благодарни за тоа што моментално го имате, ќе бидете задоволни и со тоа што допрва ви доаѓа. Со благодарност секогаш ќе го привлечете тоа што го сакате и побрзо ќе го добиете. 
Вие сте производ од 5те луѓе со кои најчесто го поминувате времето. Потсвесно, ги прифаќате нивните мисли, верувања, манири дури и начинот на кој тие се смеат. 


Направете мала промена во денот што ќе влијае на вашата среќа. Донесете новитет секој нареден ден и правете го тоа што ве исполнува. 


Бидете позитивни и активни, позитивниот став води кон зголемување на хормонот на среќа. Разговорот со пријателите, читањето на позитивни книги, слушањето на среќна музика, добриот сон и свежиот воздух, може да ве направат посреќни. 


За вас ги издвојувам книгите кои го зголемиле мојот допамин или хормонот за среќа, важен за добросостојбата како и за намалувањето на депресијата, тагата и негативноста. Доза допамини:


1. "Тајна" од Ронда Бирн
2. "Четири спогодби" од Дон Мигел Руис
3. "Кој ќе плаче кога ќе те нема?" од Робин Шарма
4. "Живот, љубов, смеа" од Ошо
5. "Намести си го креветот" од Вилијам Х. Меквејн
 
Автор: ЧИТАЈ КНИГА