Книгата е лек за душата – Читањето книги со сигурност не прави посреќни

Книгата е најдоброто место каде што можеме да заминеме и за момент да заборавиме на околината што не опкружува. Ние, љубителите на книгите знаеме дека со самото отварање на книгата се случува нешто магично и целата негативна енергија од стресното секојдневие за миг исчезнува. Секој од нас во животот се соочува со неизбежни лоши ситуации кои му ја растреперуваат и растажуваат душата, а книгите навистина можат да бидат лек за повредената душа и да не направат посреќни.
                
          

ЧИТАЈ КНИГА за вас издвојува неколку придобивки од читањето книги:

 ЧИТАЊЕТО ГО НАМАЛУВА СТРЕСОТ

Стресот е еден од главните фактори што придонесуваат за чувството на тага, но читањето може да ви помогне да се ослободите од напнатоста. Добро напишаниот роман ве пренесува во други димензии, а некоја статија со длабока содржина ќе ви го одвлече вниманието од проблемите, ќе ве продухови и ќе ги продлабочи вашите знаења.

ЧИТАЊЕТО ГО ЗБОГАТУВА ВАШИОТ РЕЧНИК

Способноста за добро изразување е добредојдена во секоја професија, а свеста дека можете да зборувате и да се изразувате прецизно и со самодоверба може да биде силен чинител за вашата самопочит. Читањето исто така е од витално значење доколку учите некој нов јазик.

ЧИТАЊЕТО ВИ ПОМАГА ДА СЕ СООЧИТЕ СО РЕАЛНОСТА

Книгата е совршеното место за бегство од реалноста. Но, тие исто така можат да ви помогнат да го разберете светот и да ги надминете сите потешкотии.

ЧИТАЊЕТО ГО НАМАЛУВА РИЗИКОТ ОД АЛЦХАЈМЕР

Научните истражувања откриваат дека секојдневното читање од мали нозе го намалува ризикот за заболување од алцхајмерова болест во подоцнежните години.

ЧИТАЊЕТО МОЖЕ ДА ВИ ГО ПОДОБРИ СОНОТ

Поради многубројните здравствени придобивки од читањето, книгите навистина можат да ви помогнат подобро да спиете. А што носи поголема среќа од квалитетниот сон?!

КНИГИТЕ МОЖАТ ДА ВИ ГИ ОТВОРАТ ОЧИТЕ

Љубителите на книгите се многу слободоумни, а слободоумните луѓе се посреќни. Доколку почнете да читате повеќе, ќе станете потолерантни и ќе се ослободите од стегите на општествените предрасуди и стереотипи.

ЧИТАЊЕТО ВИ ЈА ПОДОБРУВА МЕМОРИЈАТА

За да навлезете во сржта на книгата, неопходно е да помните многу информации кои ви се сервираат додека прелистувате од корица до корица – шареноликоста на ликовите, нивните имиња, нивното минато, амбициите и намерите… Со тоа ја подобрувате работата на мозокот, го зголемувате неговиот интелектуален капацитет и го изострувате памтењето.

Читањето книги е забава, откријте се и креирајте се себеси со читање повеќе книги и никогаш не заборавајте: ако некогаш ви треба нешто убаво и не толку скапо за да сте задоволни, среќни и исполнети, книгата е најдобриот избор.

Капучино од ванила, домашни колачиња и нова книга се мојот избор за ова саботно попладне.

Имајте пријатен ден.