"Избриши ги солзите" Линда Хауард

Мила и Дејвид имаат прекрасен брак, тие се лудо вљубени еден во друг, а за нивната љубов главен сведок е нивниот шестнеделен син. Еден ден под јакото мексичко сонце им се случува трагедија која не' само што ќе ги натажи и повреди, туку и од корен ќе ги смени нивните животи. 

Светлото утринско сонце беше сведок на загубата и болката на Мила, кога од нејзините прегратки насилно и го одземаа малиот Џастин. Бебето беше киднапирано, а таа повредена заврши во операционата сала во рацете на нејзиниот сопруг кој скршен од болка не знаеше за емоциите кои навираа во него.. единствено што во моментот беше најважно... беше да ја спаси сопругата.

Линда Хауард ни напишала приказна која ќе остане засекогаш во нашите срца. 

"Избриши ги солзите" е приказна за една мајка, за бесконечната нејзина љубов кон тоа парче од срцето кое и е одземено. Мила е хероина за каква до сега немам читано. Мајка подготвена на се' за повторно да го види своето дете. Најемотивен ми беше делот кога раскажува за секоја година на Џастин и како му купува по некоја играчка замислувајќи дека со таа би си играл. 

По 10 години, Мила е главна во организацијата "Пронаоѓачи", оранизација за пронаоѓање на исчезнати лица. Таа на некој начин ја потиснува својата болка помагајќи им на другите мајки да си ги пронајдат своите чеда, но никогаш не губи надеж дека ќе го најде и своето дете. Нејзиниот живот е комплетно распаднат, а исто така и бракот со Дејвид. Тој решава да си го продолжи животот, а Мила ја следи својата мисија - да го најде Џастин. Таа е храбра и силна жена, која се соочува со најголемите криминалци и најопасните луѓе. Еден ден организацијата добива дојава за синџир за трговија со бебиња во мало село во Мексико, а Мила без двоумење тргнува да истражува. Човекот кој таа го бара е човек со едно око (таа во моментот на киднапирањето успеа да го обележи). 

И кога целиот свет околу неа се откажа, и кога сите ја советуваа да си го продолжи животот... таа без никакви очекувања до каде и како ќе заврши, се фати за подадената рака на најопасниот човек во државата. 

Трилер / романса... прекрасна, возбудлива и срцепарателна. Приказна која ќе го задржи вашето внимание до последната страница.

Заслужено прво место за КНИГА НА ГОДИНАТА 2020та, во категоријата РОМАНСИ. 

 

Автор на рецензија: Дијана Р. Павлеска