"Жената со црвениот бележник" - Антоан Лорен

Преубава, мала и интересна љубовна приказна, совршено скоцкана во 193 странички, која го заслужува целото наше внимание. 

Понекогаш е потребно да прочитаме некоја љубовна приказна и да веруваме дека добрите работи им се случуваат на луѓето кои најмногу заслужуваат. Оваа приказна е раскажана со преубава едноставност, таа е толку нежна што ќе ве гали како меко џемперче од кашмир.

Лора се враќа од вечерата со пријателите и пред да стигне дома таа е ограбена, така започнува оваа приказна. Украдена и е торбата, со сите нејзини ситници, работи кои сите од нас ги поседуваме. Но во таа торба не се само ситниците на Лора, таму се и нејзините спомени.Таму е и нејзиниот црвен бележник. 

Утредента торбата на Лора ја пронаоѓа Лоран, сопственик на една слатка книжарница. (Деталите кои се раскажуваат се преубави, секој читател и обожавател на книгите ќе ужива читајќи ја книгава.) Лоран се впушта во детективските води сакајќи да ја пронајде сопственичката на торбата и да и ја врати. Прегледувајќи ги ситниците на сопственичката - стара шнола за коса со плетен цвет, позлатена запалка, старите фотографии .... и читајќи го бележникот во кој се кријат нејзините најголеми стравови, нејзините тајни мисли и желби... Лоран се вљубува во непознатата жена.

"Жената со црвениот бележник" не' потсетува колку значајни можат да бидат малите работи.

Во милионски град, на две души им е судено да се сретнат. 

Ќе уживате во оваа приказна, во градот на љубовта и помеѓу полиците преполни со книги. Оваа приказна ќе ја засакаат и тие што сакаат мачиња. :)

 

Автор на рецензија: Дијана Р. Павлеска