"Девојка од мал град" - Лиса Клејпас

Либерти Џоунс на четиригодишна возраст го има изгубено својот татко. И било потребно долго време за да сфати дека тој никогаш нема да се врати. Нејзината мајка никогаш не успеа да најде маж кој ќе го замени татко и. По неколку сменети момчиња, таа донесува одлука да живее заедно со Флип и нејзината ќерка во автокампот, во Велком.

Либерти има големи соништа и решителност што ќе успеат да ја одведат многу далеку, но и еден човек, една голема љубов која не може да ја заборави. Харди се обидува да ја прикрие љубовта кон Либерти. Неговите животни цели не ја вклучуваат неа, тие се многу далеку од Велком. Има нешто магично и моќно што ги влече еден кон друг, некоја привлечност која е посилна од двајцата.

"Многу пати во животот зажалив за работите што ги кажав без размислување. Но никогаш приближно не зажалив за работите што ги кажав толку, колку што зажалив за работите што ги оставив неизречени."

Харди заминува од градот за да ги оствари своите животни цели. Во тие мигови, Либерти останува сама со својата помала сестричка Керингтон. Беспомошна, одлучува напорно да учи и работи, за да може да си дозволи пристоен живот. Еден ден, сосема случајно, се запознава со милијардер- многу луѓе го нарекуваат нејзинот "спонзор", но нивната врска е многу подлабока од тоа. "Кога човек сака дете, му простува уште пред да побара прошка. Всушност, веќе сме му простиле за работите што уште не ги направило."

Одреден сплет на околности, ќе ја доведат Либерти до многу одговори и тајни за минатото на нејзиното семејство. Ќе ја доведат до маж, кој ќе и пробуди многу чувства. Двајца мажи. Една жена. Одлука што ќе и го промени животот. Дали ќе дозволи повторно да биде скршено нејзиното срце или ќе успее да го излечи засекогаш?

"Всушност, секој ден е исполнет со обични чуда. Не мораме далеку да бараме за да ги најдеме."

Емотивна љубовна приказна која ќе успее да допре длабоко до вас. Либерти е храбра девојка, која успева да донесе многу зрели одлуки за нејзина возраст.

Нејзиниот карактер ќе ви се допадне уште на самиот почеток, но понатаму ќе имате предрасуди за дел од ликовите во книгата.

Преубав почеток на еден серијал кој ветува многу интересни приказни во наредните делови.

Прв дел - "Девојка од мал град"

Втор дел - "Јужњакот со сини очи"

 

Автор на рецензијата: Изабела Велковска

Фотографија: Теодора Поповска