"Асистола" - Марија Јаневска
“Никогаш не мислев дека враќањето е толку тешко. Секогаш мислев дека е тешко да направиш чекор напред, а не чекор назад.”
Ова e книга полна емоции, драматична и возбудлива од почеток до самиот крај. Не ти дозволува да ја пуштиш од раце. Книга која е многу поучна, која нѐ учи за човечкиот живот, за работите кои всушност се клучни и му даваат смисла, но секако и за љубовта.
Во книгата се работи за млада докторка по име Лена, која по доживеаната лична трагедија одлучува да го напушти животот во Виена и да се врати во родниот град. Таа се справува со секакви тешкотии во нејзиниот живот, растргната помеѓу работата и забранетите чувства кои ненадејно ќе ја обземат кон познатиот и шармантен хирург Гаврил, кои секако би можеле да ѝ ја уништат кариерата и целиот вложен труд во истата. Обидувајќи се да се справи со својот живот и да најде излез од целиот тој емотивен хаос, ја пречекуваат уште повеќе пресврти и предизвици.
Што и да кажам понатаму, би било само спојлер. Затоа понатамошниот тек на настаните и на целата приказна ќе ве оставам сами да го откриете.
Од необјаснива причина и пред сѐ, дефинитивно се приврзав за насловот (Асистола е медицински термин кој означува престанок на работата на срцето). Уште пред да ја истражам содржината, претчувствував дека ќе ми се допадне книгава, дека не е само обичен љубовен роман.
Стилот на пишување многу ми се допадна, како за прва прочитана книга од Марија. Ликовите, сите настани и случки се прекрасно осмислени и напишани.
Книгава брзо се чита и ја прочитав за неколку часа, но навистина на моменти ме натера за многу работи и теми од секојдневниот живот да се замислам. Во многу нешта се пронајдов, исто така мислам и дека секој кој ќе ја прочита ќе пронајде дел од себе во неа, а силно верувам и дека дел од секоја книга останува со читателот засекогаш.
Асистола е книга која со сигурност би кажала дека многу вреди, напишана со цел да допре до нас, читателите.
Ја препорачувам од срце!
Книгата може да се порача тука.
Автор на рецензијата: Надја Настеска