Нора Робертс срдечно ве поканува да ги запознаете другарките од детство Паркер, Ема, Лорел и Мек – основачките на „Завети“, една од најпрестижните фирми за планирање свадби во Конектикат.
Нејзините фотографии често ги красат насловните страници на списанијата за невести. Мекензи „Мек“ Елиот најудобно се чувствува зад објективот, додека ги доловува среќните мигови во животите на другите кои никогаш не ги доживеала самата додека растела. Нејзиниот татко го заменил своето прво семејство со второ, а мајка ѝ, која понатаму го продолжила животот со друг маж, еден од многуте, постојано бара од неа внимание и пари. Темелите на животот повторно ѝ се затресуваат неколку мига пред важен состанок за планирање свадба кога налетува на братот на идната невеста… средба од која и двајцата гледаат ѕвезди.
Картер Мегваер дефинитивно не е нејзин тип: стабилен е и безбеден. Дури е професор по англиски јазик во нивното поранешно средно училиште. Но кај него има нешто кое ја наведува Мек да помисли дека опуштена кратка врска е токму тоа што ѝ треба за да си ги одврати мислите од напорните невести и од постојаното избегнување на повиците од мајка ѝ. Но минливата врска може да се претвори во нешто повеќе токму кога најмалку очекуваш. Со помош на нејзините три најдобри другарки – и деловни партнерки – Мек мора да научи како да создава свои среќни сеќавања.