Две сосема различни личности. Еден волшебен град. Една шанса за љубов.
Кога Саманта Смит, службеничка на билетарница која обожува ред и рутина, ќе ги запознае ѕвездите на „Скејтинг на Бродвеј“, нејзиниот живот ќе се сврти наопаку.
Саманта веднаш чувствува привлечност кон Џими Лојд, главната ѕвезда на лизгачката претстава, и по секоја цена се обидува да си ги потисне чувствата и да се прави дека ништо не се случува. Но, кога и при најмала трема почнува неконтролирано да се смее и да останува без здив, криењето на чувствата станува вистински предизвик.
Кога ќе се најде во опасност иднината на нејзината сакана Градска сала, Саманта ќе мора да собере храброст и да се избори за нејзиниот опстанок. А покрај сите грижи, тука се и нејзината откачена сестра Клео, која постојано ја набљудува и критикува, и нејзиното момче Џереми, со неговиот препознатлив шкотски акцент, кои воопшто не ѝ ја олеснуваат ситуацијата.
Ќе успее ли Саманта да ја зачува работата, да ја спаси Градската сала и да ги стави под контрола нападите на паника? И, најважно од сè, ќе успее ли конечно да го следи своето срце и да ѝ даде шанса на љубовта?