
Поминав толку време туркајќи го чамецот што заборавив да се качам во него. Сега е на отворено море и е мошне убаво да се гледа како плови…
Сирил Ејвери не е вистински Ејвери, како што нагласува татко му. И никогаш нема да биде. Мајка му – бремена девојка избркана од родното село поради сторениот грев – оди во Даблин, каде што го раѓа својот вонбрачен син. Сирил завршува кај една богата ексцентрична двојка кај која ништо не му недостига. Освен љубов.
Сирил е залутан во големата куќа и во светот и единствената светла точка во неговото детство се запознавањето со необичното момче Џулиен и љубовта кон него. Препуштен на судбината и случајноста, му претстои тежок пат кон себеси и кон корените, за да ја прифати својата нетрадиционална сексуалност и да се избори со суровоста на светот.
Мајсторско дело од авторот на „Момчето во пижами на риги“, трогателна и драматична одисеја на еден обичен човек и на една цела нација, залутани во времето. Привлечна, скандалозна, парадоксална и на места забавна, длабока и умна книга за љубовта која не е секогаш таква каква што си ја замислуваме.
Бојн создава светлина од пропаста, хумор од очајно тажни ситуации... Прекрасно четиво!
Прес асосиејшн
Џон Бојн е роден во Даблин, Ирска, во 1971 година. По шеснаесет романи за возрасни, шест романи за деца и млади, две новели и една збирка раскази, денес во книжевниот свет е познат како писател на меѓународни бестселери, а во духовниот свет го препознаваме како запишувач на вистината. Секоја прва реченица од неговите дела е почеток на едно ново патување, богато со загубени, но и со добиени битки.
Дури и кога се изнемоштени и навидум безнадежни, ликовите на Бојн секогаш наоѓаат начин да се пробијат до излезот, не преку барање на светлината како патоказ, туку со тоа што самите стануваат светилник.