"Чудо"- Р. Џ. Паласио
"Нема да ви опишам како изгледам. Како и да ме замислувате, најверојатно е полошо од тоа."
Август Пулман е дете кое ќе ве освои уште на првата страница. Тој е сосема нормално десетгодишно дете - тоа е одговорот кој ќе го добиете ако се прашате како се чувствува во себе. Но, постои една работа која го двои од останатите деца... Тој требало да умре уште вечерта кога се родил, но претставува медицинско чудо кое преживеало и покрај сите прогнози за неуспех.
"Еве што мислам јас: единствената причина поради која не сум обичен е тоа што никој не ме гледа како таков."
Август е роден со мандибулофацијална дизостоза- одредени деформитети на лицето, но неговото мало тело и мозок се сосема нормални. Тој дури е и многу попаметен од децата на негова возраст. Иако има направено 27 операции, неговото лице сеуште претставува причина за потсмев на многу луѓе. Tие се ѕверат во него додека се разминуваат, се оддалечуваат од него за случајно да не го допрат, сметајќи дека има некоја заразна болест.
"Јас мислам дена единствената личност на светот која сфаќа колку сум всушност обичен и нормален, сум самиот јас."
Август е свесен дека е многу поинаков од своите другарчиња. Неговите уши се мали и се наоѓаат многу пониско. Бидејќи нема ушна школка, со текот на годините ќе му се развиваат проблеми со слухот. Очите му се му се наоѓаат скоро на средина на лицето и некако се накосени надолу. Горните очни капаци му се полузатворени, додека пак, долните очни капаци му се свлечени надолу. Нема веѓи, ниту трепки. Носот му е непропорционално голем. Нема јаболчници. Има две длабоки од страните од носот до устата. Кога се родил, немал вилица, затоа докторите му остраниле дел од карлицата и му ја вградиле во вилицата. Иако пред неколку години правел операција за израмнување на вилицата, се уште мора да ја џвака храната во предниот дел од устата.
"Знаев дека ме зјапаа и без да го кревам погледот. Знаев дека луѓето се буцкаа по лактите, гледајќи ме со крајчињата на очите. Мислев дека досега веќе сум навикнат на ваквите зјапања, но очигледно не бев."
Август следната недела тргнува во петто одделение. Со оглед, на тоа што никогаш до сега нема одено во училиште, во моментов е тотално изваден од памет. Причината се многуте операции кои ги има преживеано, како и честите разболувања. Па така, првите девет години Август е школуван дома, од страна на неговата мајка. И покрај се, Август има неколку навистина добри пријатели. Кристофер е неговиот најдобар другар, потоа Захарија и Алекс. Тука е и неговото семејство, од кое добива секојдневна поддршка. Неговата мајка Изабел, неговиот татко Нејт, неговата сестра Виа и кучето Дејзи, се тие кои неуморно го сакаат.
"Овој принцип значи дека треба да бидеме запомнети по работите кои ги правиме. Работите што ги правиме се најважната работа од се. Тие се многу поважни од она што само го зборуваме или од тоа како изгледаме."
Сега, во петто одделение Август мора да заборави на досегашниот живот и да се обиде да се вклопи во обично училиште со нормални деца. Август на почетокот е тажен, се бунтува и одбива да се подготви за животот кој го чека. Но, потоа одлучува дека сака да им докаже на сите деца дека и тој е ист како нив, без разлика на неговото лице.
"Ова беше дете што имаше добиено повеќе инекции, имаше испиено повеќе лекови, имаше истрпено повеќе операции пред да наполни десет години од повеќето луѓе за десет животи и сега беше олку потиштен од едно обично повраќање?"
Ова е книга која ќе успее да ве освои уште на првата страница. Книга која ќе ја прочитате во еден здив. Книга која нема да ја испуштите од вашите раце, се до самиот крај. Многу убава и поучна приказна, која ќе се обиде да ве насмее, но и да ве растажи на моменти. Книга која ќе се обиде да ви ја долови суровата реалност низ призма на едно невино десетгодишното дете.
"Големината, напишал Бичер, 'не лежи во тоа да си силен туку во вистинската употреба на сила...И така, најголем е оној чија сила носи најмногу срца до привлекување на сопственото."
Дали ќе успее да им докаже дека е ист како останатите, особено кога луѓето знаат да бидат толку злобни и сурови останува да откриете самите вие.
"Сите на светот треба да добијат овација барем еднаш во животот затоа што сите ние го победуваме светот."
Автор на рецензија: Изабела Велковска