Рецензија за ,,Последната камелија" од Сара Џио
За љубителите на драми со доза на романса и мистерија, еве уште една топла приказна од Сара Џио.
Цвеќето е универзален јазик на љубовта, почитта, вниманието. Но, некако како да премногу внимание им се дава само на одредени видови, како розите, лавандата, криновите. Сара Џио сепак успеала да искова една интересна приказна околу помалку познатото цвеќе (т.е. дрво) камелија, следејќи неколку ликови низ различни столетија.
Мидлбериската розова камелија е најубавата камелија во цела Англија, сорта која создава најубави цветови и која е омиленото дрво во градината на Кралицата. По чуден пат нејзино семе стигнува во едно мало англиско село каде иако се одгледува со многу љубов, никако да расцвета. Поминуваат години...децении..и конечно се случува чудо и првиот цвет.
Истовремено...ова е последната камелија од тој вид. Ќе следи потрага дури и од Кралицата, но ќе бидат заинтересирани и крадци кои ќе сакаат да ја продаваат на црната берза.
Камелијата и нејзините прекрасни бело-розови цветови ќе биде позадината низ сите 300 страници во книгата, но нејзината историја е тесно поврзана со неколку интересни ликови, пред се' Адисон и Флора.
И двете се притиснати од животот и имаат свои тајни. А нивните тајни ги дознаваме токму преку нивната врска со преубавото и ретко дрво. Како и во другите книги на Џио, вткаени се минатото и сегашноста. Минатото преку приказната на Флора, млада ботаничарка која ќе биде принудена да го украде реткото дрво, и сегашноста преку Адисон, дизајнер на градини со свои мрачни тајни, која по игра на случај ќе дојде до дневникот на Флора после половина век.
Која била Флора? Што се случило со неа? И како ќе се разреши мистеријата преку приказната за убавото дрво во Ливингстон Манор, вилата на Адисон и нејзиниот сопруг.
Според викторијанскиот јазик на цвеќината, значењето на камелијата е ,,Мојата судбина е во твои раце". Исто како што интерпретацијата на секоја книга е во главата на читателот. Мене ми се допадна книгава, па дури и ме натера малку да истражувам за камелиите.
Лесно читлива приказна, која можеби не е најдоброто од Џио, но вреди да се прочита.
Автор на рецензијата: Ана Томова