"Ленинградска зима" - Кристин Хана
"Надежта и љубовта за време на војната се кршливи."
1972 година Мередит Витсон има смислено брилијантен план. Имаше напишано претстава врз основа на една од многуте бајки кои им ги раскажувала нивната мајка. Потоа, планираше да ја изненади со нејзината изведба на божиќната забава...
"Никогаш не и доаѓаше природно да се потпре на луѓето за помош. Последното нешто што сакаше да го даде некому беше моќта да ја повреди."
Неколку години подоцна... Мередит и Нина Витсон, се сестри кои живеат во сосем различни светови. Мередит се има омажено многу млада, со својата прва љубов. Има две прекрасни ќерки и го води семејниот бизнис. Нина посакува нејзините фотографии да се најдат на насловните страни на познати списанија. Таа го следи својот сон и патува низ светот како познат фоторепортер. Секогаш различно се справувале со работите. Нина често паѓаше и повторно стануваше. Мередит пак, внимателно се движеше, ретко губејќи ја рамнотежата. Нина ги кршеше работите, додека Мередит ги чуваше да не се скршат.
"Колку повеќе слушаш нешто, толку помалку се сомневаш во вистинитоста."
Една неочекувана ситуација повторно ќе го спои нивното семејство. Нивниот татко, кој неуморно ја покажува својата љубов кон своите ќерки, кој е секогаш тука за нив наспроти нивната мајка која е ладна, таинствена жена, која дури и во најтешките мигови не им нуди утеха на своите ќерки.
"Натерај ја да ти ја раскаже приказната за селанката и принцот."
Мередит одеднаш се сеќава како беше порано, кога мајка им ќе дојдеше во нивната соба навечер и им раскажуваше приказни. На одредено време ги сплотуваше, но веќе следното утро поврзаноста исчезнуваше, додека пак, за приказните никогаш повторно не се разговараше.
"Едноставно не постоеше начин да ја запознае мајка и'. Никогаш не постоел."
Сега, татко им бара трите жени да му дадат едно заедничко ветување: бајката да биде раскажана и ислушана за последен пат. Овој пат, од самиот почеток до крај. "Сакаше да верува дека нема да биде сама во тешките денови но, кој би бил тука за неа?" Една сосема обична вечер, трите жени започнуваат едно необично патување. Навраќање кон старите денови. Разоткровање на вистината за животот на нивната мајка. Животот за време на војна, во Ленинград пред пет декади.
"Ниедна тајна не е безбедна."
Приказната за мајка им е толку потресна, страшна и срцепарателна што ќе успее целосно да го промени нивното семејство. Ќе успеат да донесат многу одлуки поврзани со нивните животи.
"Постојат некои ветувања што не вреди да ги бараш и бесцелно е да ги добиеш." Оваа е приказна за тоа колку далеку е подготвена да оди една жена, жртвувајќи се себе си.
Приказна која започнува бавно, меланхолично, раскажувајќи за едно семејство во кое ќерките копнеат по љубовта од својата мајка. Тоа е жена која неуморно го љуби својот маж, но не и своите ќерки.
"Не можеш да ја контролираш насоката на твоето семејство исто како што не можеш да ги запреш контитенталните плочи од пукање. Се' што можеш да направиш е да се подготвиш за она што следува."
Секој лик ме освои на посебен начин. Им завидував на Мередит, Ања и Нина како успеваа болката и тагата да ја задржат во себе, но воедно им се лутев што поради тоа ги отргнуваа најсаканите од себе. Благодарение на прекрасните описи на Ленинград вие за миг ќе почувствувате дека сте таму, заедно со нив.
Ова е приказна која нема да ве остави рамнодушни. Приказна за која нема да имате толку големи очекувања но, ќе успее да допре и до оние најсилните.
Книгата може да се порача тука.
Автор на рецензија: Изабела Велковска