"Ако има утре" - Б. Николоски

Со вештина на врвен раскажувач, младиот Николоски умешно нѐ вовлекува во приказната за младата руска новинарка Катја Фјодоровна, која е желна за кариера и успех надвор од локалниот весник во Санкт Петерсбург, каде е вработена. Нејзиниот непоколеблив карактер и амбициозноста ја носат до вратите на најпознатиот Московски весник за кој добива задача да напише сторија од Алепо, Сирија, каде секојдневно паѓаат бомби и гинат луѓе на секој чекор. Таквата нејзина задача скапо ќе ја чини. Иако сторијата за весникот е успешно напишана, таа завршува во болница во Париз, со сосема ново лице од она по кое беше препознатлива.
Во природата на човекот е желбата за вистина, а Катја не може да се смири додека не дознае чие лице го покрива нејзиниот лик. Чија судбина ја „зела“ на себе и дали тоа ќе биде нејзин товар или утеха во животот којшто ѝ претстои?
Таквата желба за осознавање на вистината ја одведува пред портите на замокот Анеси, каде се соочува со студенилото на Аљоша, сопственикот на тој замок. Тука се испреплетуваат животните судбини на двата лика, замрсувајќи се уште повеќе и уште посилно. И двајцата се борат со своите демони, секој на свој начин. Тој е сосема згаснат после непреболот од загубата на единствената негова светла точка во животот, а таа на себе го носи проклетството од таа негова загуба и ужасот од нејзиното детство во себе. За да се извлече од мракот на Аљоша му е потребно чудо. А кое е поголемо чудо од љубовта? Нејзината моќ е исцелителна за срцето кое долго патело и не знаело за ништо друго освен за болка, тага и осаменост.
Се запознаваат меѓу себе и како што поминува времето, страста меѓу нив искри и се распламтува толку што тие не можат повеќе да се држат настрана еден од друг. Таквата нова искра надеж, препознаена во очите на љубената го вивнуваат самотникот Аљоша во висините и тој е подготвен да направи сѐ за неа. Но, судбината е чудна и никогаш не може да се предвиди, па како таква им подготвува нови замки на главните протагонисти. Се одмотува клопчето на минатото со конци кои влечат дури до 1963 година, до страшниот земјотрес во нашето Скопје, до предците на убавата русинка Катја и вистината што ја прогонува.
Наративната нишка е топла и емотивна, полна со човечки вистини блиски до читателот. Секоја реченица е издржана, поткрепена со животни мудрости за кои треба да се подзамислиме сите.
Романот е богат со описи за хронотопот на дејството и нѐ носи низ живописните предели на Тоскана, Италија, па преку Москва и Санкт Петербург до Париз, запознавајќи нѐ со нивните убавини, со богати, стилски украсени реченици кои доликуваат на веќе изграден автор. Допрени се теми кои мене лично ми беа помалку блиски, и за кои можеби многу малку сакам да читам, но Николоски успеа да го задржи моето внимание и тука.
Моќна е пораката која овој роман ја испраќа. Во очите на другите можеме да сме секакви, но важно е да знаеме кои сме навистина и што сакаме од животот. Да знаеме за што се бориме и колкава е нашата желба за освојување на најтешките висини. Различноста на човекот може да биде поттикната од многу фактори. Сите ние носиме свој крст и секој мисли дека неговиот е најтежок. Лесно е да се суди на другиот ако не сме поминале низ неговата голгота. Да се прифати другиот значи да се прифатат сите негови доблести и маани. Да се излечи човековата душа е потребно многу. Но, чуда се случуваат. Ако верувате во нив. Затоа што УТРЕ секогаш има!
Автор на рецензија: Билјана Мартиновска