„Браќата Карамазови“, последното и најдоброто дело на Фјодор М. Достоевски, е едно од врвните достигнувања во светската литература. Според Фројд, најголемиот роман на сите времиња.
Раскошна филозофска расправа која покренува низа етички проблеми за природата на Бог, слободата на волјата, правдата и етичноста. Вистинска драма за моралните борби околу верата и сомнежот, разумот и емоциите, разбирањето и осудувањето. Проникнат со алчност и љубомора, љубов и страдање, тага и душевна благородност, овој роман е истовремено и теолошка и психолошка расправа. За Ниче, Достоевски е најдобриот психолог од кого научил многу за животот.
Романот бил објавуван во текот на 1879–1880 година во списанието „Руски весник“. Според него се снимени многу филмови и серии, поставени се многу театарски пиеси и сè уште доживува многу изданија низ целиот свет. Неговото дејство се случува во Русија, во XIX век, и сведочи за распаѓањето на едно имотно семејство составено од тројца браќа, толку различни меѓу себе што немаат речиси ништо заедничко освен нивниот неморален татко.
Полн со симболи, желба за правда и сострадание – за на крајот животот да се сведе на само еден сончев зрак. Ако го гледаш, жив си. А ако си жив, сè уште имаш можност да го откупиш животот.
„По Библијата, „Браќата Карамазови“ е веројатно највредниот трансисториски бестселер за природата на доброто и злото. Фројд, Ајнштајн, Хајдегер, папата Бенедикт Шеснаесетти мислеле пред мене – исто. Какво мајсторство е да го покажеш Божјото зрно во различна изртеност кај тројца браќа – Дмитриј, Иван и Аљоша, како и семето на злото кај нив и нивниот татко Фјодор, во различни големини? И зошто кај некого едното го надраснува другото, а кај некои второто го задушува првото? Вечни прашања и страшни филозофски стрмнини пред читателот од можеби најголемиот гениј во уметноста воопшто, книжевниот Моцарт. Бестселер што не пламнува како слама, туку топли со тивка и трајна, вечна жар.“
Венко Андоновски