
За неговите книги ќе кажат дека нема да успеете да ги прочитате, без притоа добро да се исплачете. Тие се моќни, тажни и истовремено чудесни.
Ќе ве импресионираат приказните и ликовите, стилот на пишување. Хосеини вешто ги ткае зборовите кои ќе ви го украдат сонот и срцето.
Амир е син на богат трговец. Хасан е детето на нивниот слуга. Сепак, ова не ги спречува децата да бидат најдобри другари. Тие сонуваат со отворени очи, летаат змејови и се обидуваат да предвидат што носи иднината.
Но, еден трагичен настан засекогаш ќе ги смени нивните животи. И другарството ќе се распадне како кула од карти. Горчливите спомени продолжуваат да се нижат по емигрирањето на Амир и неговиот татко од Авганистан во САД.
Таму Амир се надева дека ќе ја смири немирната совест и дека ќе успее барем еден ден да заборави на тој момент на кукавичлук, кога не успеа да го спаси најдобриот другар од злото…