
Два часот по полноќ, една саботна вечер во пролетта на 2001 година, дваесет и осумгодишната Сесили Гарднер седи сама во еден паб во Ист вилиџ во Њујорк, размислувајќи за својот живот. Чувствувајќи се осамено и со огромна носталгија за Средниот Запад, таа се прашува дали некогаш ќе успее како репортер во големиот град и дали можеби не направи ужасна грешка што ја раскина врската со своето долгогодишно момче, Метју.
И во мигот додека посегнува по телефонот да му се јави, мажот што се сместува до неа на барскиот стол и вели: "Немој, ќе зажалиш." Нешто и вели дека треба да го послуша, па во наредните неколку часа и по неколку чашки текила, тие двајцата коваат чудна врска. И тоа би требало да е тоа, решаваат обајцата наредното утро, кога Сесили си припомнува дека не треба да скока од една во друга врска. Уште пострашно, тајмингот не може да биде полош - Грант се подготвува да даде отказ на работа и да се пресели од другата страна на океанот. А сепак и покрај сите пречки, изгледа дека тие двајцата не може да се збогуваат, затоа што за првпат во нејзиниот внимателно управуван живот Сесили го следи срцето, а не главата.
И потоа, Грант исчезнува во хаосот од 9/11. Стравувајќи од најлошото, таа го забележува неговиот лик на еден постер за исчезнати лица и сфаќа дека не е единствената што трага по него. Нејзиниот истражувачки, репортерски инстинкт се буди, па таа почнува акција за откривање на вистината. Ама, прашањата брзо почнуваат да се натрупуваат: Колку добро го познавала Грант? Дали некогаш ја љубел? И дали е можно да љубиш маж што изгледа дека не е тоа што е?